Меѓународната невладина организација Македонија2025 го отвори повикот за прием на апликации во склоп на Фондот за поддршка на талентирани студенти за тековната 2019 година. По успешноста на минатогодишниот пилот-проект, Фондот обезбеди средства да помогне на талентирани млади од Македонија во периодот од 2019-2022, во износ од 60 илјади денари по стипендист за една година.
„Оваа програма ќе обезбеди финансиска и менторска поддршка на 10 талентирани студенти во текот на четиригодишен период, со цел да го стимулира нивниот професионален и личен развој. На повикот добредојдени се да аплицираат средношколци со просечен успех 5.00 односно студенти со просек над 9.00, кои имаат освоено награди и признанија при што предност ќе имаат оние кои доаѓаат од социјално ранливи семејства.“ – изјави Маја Сталеска, Координаторка на програмата во Македонија2025.
Еден од минатогодишните стипендисти на Фондот за поддршка на талентирани студенти - Давид Лазароски од Прилеп вели дека токму ваквиот тип на помош е она што им е потребно на младите во земјата. „Можам да кажам дека искуството ми го промени животот во позитивна насока и ми даде поттик да продолжам да работам кон реализирање на својот сон.“ – истакна Лазароски.
“Минатата година имавме чест да запознаеме прекрасни талентирани млади луѓе чиј прогрес и развој ги следевме во текот на целата година. Нѐ пленија со нивната искреност, желба и посветеност да успеат, со што дополнително овозможија овој Фонд да се формира и развие во четиригодишна програма за помош на многу други ученици/студенти на кои им е потребна поддршка од овој карактер. “ – додава Сталеска.
Крајниот рок за прием на апликациите е 20-ти март. Апликациите ќе ги разгледува комисија составена од истакнати членови и партнери на Македонија2025.
Повеќе информации за повикот и начинот на аплицирање можете да најдете на следниот
ЛИНК.