X
 14.02.2019 Живот

Нов главен извршен директор и претседавач на Македонија2025. Организацијата прославува 10 години работење за земјата

Македонија2025 објави неколку промени во раководниот тим, преоѓајќи во втората деценија постоење како невладина организација фокусирана кон помошта во градењето на посилна нација. Првата деценија ја одбележа огромен успех. Од 2008, организацијата има инвестирано 1 милион долари во програмите за лидерски развој, со кои има извршено позитивно влијание врз повеќе од 500 претприемачи и менаџери. Исто така, имплементирани се и бројни програми за економски развој во вкупна вредност од 3 милиони долари, меѓу кои програми за зголемен извоз, трговски мисии, деловни конференции итн. Клучниот настан – Самитот Македонија2025 низ годините брои над 2500 посетители и повеќе од 400 говорници ширум светот, со што стана најголема платформа за вмрежување и соработка, со цел зголемен иден развој на бизнисите во Македонија и регионот. Организацијата влегува во втората деценија од своето постоење со големи амбиции и очекувања, што се одразува и во денешното објавување на промените во менаџерскиот тим.

Организацијата го најавува вработувањето на првиот Главен извршен директор. Проф. Никица Мојсоска Блажевски, започна со работа на 12-ти февруари, 2019 како прв Главен извршен директор на организацијата. Никица има комбинирано искуство во академијата и во јавната администрација, како истражувач, консултант и менаџер. Нејзиното значајно искуство ќе ги издигне програмите на кои работи тимот на Македонија2025 на уште повисоко ниво. „Многу сум возбудена и привилегирана што ја преземам оваа важна функција и што ќе продолжам да го надградувам она што досега е сработено. Цврсто верувам во мисијата на организацијата и решена сум да извршам значајно влијание преку програмите и иницијативите, и да ја направам Македонија просперитетна и напредна држава за нејзините граѓани.

Исто така, сакам да го изразам своето задоволство од ангажираноста и мотивираноста на членовите на Одбор на директори на организацијата. Тие го поддржуваат мојот план за силен раст за организацијата во следната деценија. Со нетрпение очекувам вклучување на сите засегнати страни и партнери на Македонија2025 во успешно извршување на планот. “, изјави г-ѓа Мојсоска Блажевски. Понатаму, после осум години посветено и одговорно работење кон остварување на мисијата на организацијата за градење на посилна нација, сегашниот Извршен директор Билјана Марковиќ Стаменова зад себе остава голем број на успешно имлементирани програми и настани, како и цврста основа за иден развој на организацијата.

Дополнително, Роберт Арсов после четири години на позицијата Претседавач на Одборот на директори и две години на позицијата Потпретседавач, ја отстапува позицијата Претседавач на Вера Ставроф, а самиот тој останува член на Одборот на директори. Г-ѓа Ставроф е Претседател и Главен извршен директор на HerbalScience, Inc., од Колумбус Охајо САД, како и член на Одборот на директори од 2012. „Би сакала да се заблагодарам на Роберт за неговото водење на организацијата како Претседавач изминатите четири години. Исто така, среќна сум што станувам четвртиот Претседавач на Одборот на директори, откако поминав две години работејќи како Потпретседавач и се радувам на соработката со Никица кон градење на уште поголема организација и обезбедување уште позначајно влијание во земјата. Има многу работи кои сакаме и треба да ги направиме со цел да помогнеме на земјата и драго ни е што најдовме некој со искуството на Никица, кој може да ја води организацијата на долг рок“, рече г-ѓа Ставроф. „Исто така, сакам да ѝ се заблагодарам на Билјана која беше ѕвездата на Македонија2025 и која заедно со нејзиниот тим успешно ја позиционираа организацијата како еден од најпрепознатливите брендови во Македонија и регионот“.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот