- Ја сфатив кревкоста на природата кога патував во вселената - изјави Џеф Безос, основачот на „Амазон“, ветувајќи дека ќе донира две милијарди долари за зачувување и реставрација на природата.
Парите од неговиот Фонд за Земјата (Earth Fund) ќе бидат искористени за обновување на околината и трансформирање на системот за храна, изјави Безос на климатската конференција во Глазгов.
Фондот планира да потроши 10 милијарди долари за борба против климатските промени.
Еден од најбогатите луѓе на светот во Глазгов истакна дека сфатил колку е ранлива Земјата во текот на неговото вселенско патување со своето летало.
- Ми беше кажано дека погледот на Земјата од вселената го менува начинот на кој гледате на светот, но не бев свесен колку е точно тоа - изјави тој.
- Гледајќи ја Земјата одозгора, атмосферата изгледа толку тенка, светот толку конечен и толку кревок. Сега, во оваа критична година, мораме сите заедно да работиме за да го заштитиме нашиот свет - рече Безос.
Во септември фондот на Безос вети 1 милијарда долари за зачувување на природата и домородните народи и култури.
Кога во вторникот вети нови две милијарди долари, Безос изјави дека две третини од африканската плодна земја се деградирани, но посочи дека ситуацијата може да се промени.
- Обновувањето на природата може да ја подобри плодноста на почвата, да ги зголеми приносите и да ја подобри безбедноста на храната, да ја направи водата посигурна, да создаде работни места и да го поттикне економскиот раст - рече тој на самитот.
Покрај Безос, вселенскиот бизнис го развиваат и сер Ричард Бренсон и Илон Маск.
Сепак, британскиот принц Вилијам минатиот месец рече дека претприемачите треба повеќе да се фокусираат на спасување на Земјата наместо да се занимаваат со вселенски туризам.
Фото: Screenshot/YouTube