X
 12.06.2018 Живот

Луѓето што живеат во мали градови се најсреќни

Вревата во големите градови не е за секого. А не е ни мирниот, скромен живот во некој старомоден град или рурално место. За секого си има по нешто, нели? Но, кога станува збор за среќата, истражувањата велат дека едната опција е поповолна од другата.

Ако сега сте во вашиот стан во некој бучен град, можеби и нема да се согласите или да ви се допаднат резултатите од една студија објавени минатата недела, но еве ги: според истражувачи од Универзитетот „Мекгил“, малите градови и руралните средини се домови на најсреќните луѓе (барем во Канада).

- Животот е значително помалку среќен за оние што живеат во урбаните средини -  се наведува во студијата.

За истражувањето биле компилирани 400.000 одговори од пар национални истражувања за да се истакнат разликите во самоизјаснетата добросостојба. Преку компилирање на одговорите со други податоци, тие успеале да видат кои фактори може да се поврзат со среќата. Богатството? Образованието? Религиозноста? Клучниот фактор е што среќата е поврзана со густината на населението. Зошто? Затоа што живеењето во мал град доаѓа со голем број бенефиции. Истражувачите идентификувале неколку работи поврзани со среќата во канадските заедници:

  • Пократко време за патување до работа;
  • Помала веројатност да потрошат повеќе од 30 отсто од приходите за домот;
  • Поголема веројатност да одат во црква;
  • Поголема веројатност да чувствуваат дека спаѓаат во соседството.

Интересно, најсреќните делови од урбаните средини исто така било поверојатно да ги штиклираат овие поенти. Изгледа дека пократкото време за патување и помалите кирии ги усреќуваат сите, без разлика кој каде живее.

Ако ниедна од овие поенти не ве изненади многу, можеби ќе ве изненадат работите што не влијаеле врз среќата. Според истражувањето, приходите, вработеноста и образованието не се силно поврзани со среќните или несреќните заедници. Гледате? Парите навистина не можат да ја купат среќата, а не може ни некоја шик работа или импресивна диплома.

Како и да е, ако живеете во град и сте среќни таму каде што сте, не грижете се. Најсреќниот дел од урбаните заедници биле речиси еднакво среќни како најсреќниот дел од руралните заедници. Само што, кога е лошо, навистина е лошо. Најнесреќните урбани делови биле значително помалку среќни од нивните рурални еквиваленти, посочуваат авторите.

Секако, ова истражување е ограничено на канадските заедници. Но, сепак, посочуваат дека колку луѓето живеат подалеку од градовите, толку посреќно се чувствуваат.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот