X
 12.03.2017 Образование

Зошто данските ученици се најсреќни во светот?

Данските ученици се најсреќните деца во светот. Овој податок воопшто не зачудува, бидејќи во земјата во која зимата трае подолго од останатите три годишни времиња, и каде се стемнува уште во 16 часот, сè функционира беспрекорно.

Данска е една од ретките земји во Европа која нема проблем со наталитетот. Нивните жени просечно раѓаат 1.8 деца во текот на животот. Факт е дека во оваа скандинавска земја ги сака децата и соодветно се грижи за нив. Тоа го потврдува квалитетното образование каде што ништо не е оставено на случајот.

Децата од мал нозе учат да бидат индивидуалци, да се грижат за себеси и сами да се забавуваат. За Данците не е најважно да ги имаат сите петки и да имаат најскапи патики во светот. Тие живеат по други, поскромни и повредни животни принципи.

Да се биде најдобар не е најважната работа во животот

Додека кај нас од година во година расте бројот на одлични ученици, во Данска ситуацијата е различна. Нивниот образовен систем не е исклучиво посветен на добивање колку што е можно повеќе оценки, туку кон развивање на способноста за саморазвивање на децата. Училиштата се обидуваат да создадат атмосфера во која учениците се вреднуваат според сопствените карактеристики и способности. Тоа значи дека секоја личност може да го пронајде „своето место под сонцето“ и да биде социјално корисна и за себе и за заедницата. Кај нив не постои барана и помалку барана професија. Во нивниот образовен систем не постојат деца кои повториле одделение и не постојат деца кои се откажуваат од образованието.

Да се биде свој е еднакво важно како што е важно да се чита и пишува

Данската наставна програма во прво одделение е насочена кон поттикнување на личниот развој. Тие сметаат дека примарната функција на училиштето не е само да го обезбеди детето со основно знаење, како што е на пример читањето, пишувањето и сметањето. Еднакво е важно детето да се учи да ја развива сопствената посебност.

Учењето напамет не е пожелно

Учениците се поттикнуваат да истражуваат сами, да доаѓаат до информации, да анализираат, па ако треба и да прават различни експерименти. Внимателното слушање на час, за Данците не е доволно. Тие од учениците бараат секој од нив да учествува во процесот на учење. Во училиштата ги учат да го развиваат сопственото мислење како и мислењето на другите и тоа не треба да го земаат здраво за готово. Самопочитта ја сметаат за една од најубавите карактеристики. Креативноста, критичкото размислување и самоиницијативноста се смета за многу важна, корисна и пожелна. Учењето напамет се смета за неважно и непотребно.

Важни се среќата и благосостојбата

Повеќето од нашите деца, но и родители, едвај чекаат да дојде викенд за да се одморат од училиштето и училишните обврски. Данците пак тежнеат кон тоа нивните деца еднакво да се радуваат на училиште како што се радуваат кога ќе шетаат. Младите Данци од 14 до 18 години, кои не се сигурни на кој факултет да се запишат, можат да го посетуваат таканареченото „Ефтерсколе“. Откривањето на талентите на учениците е една од задачите на ова училиште.

Секој би требало да има еднакви шанси


Само кај 11% од Данците, големата плата е пресудниот фактор за избирање на кариера. Во земјата во која луѓето плаќаат најголем данок, збогатувањето не е најважно. Данците уште од мали нозе се учат дека парите не се пресуден фактор кога станува збор за среќата. Да се работи она што се сака и да се биде успешен во тоа е поважно од „дебелиот“ паричник. Во данските училишта, во повисоките одделенија, редовно се одржуваат состаноци на кои учениците можат да разговараат со наставниците за нивните планови за иднина.

Извор: Детињарије
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование