Најчесто сопствениците или не знаат или забораваат дека милениците кои имаат македонски пасош не можат да патуваат само со пасошот како нас. Па поради ова, многу често плановите им се менуваат и може да се случи миленикот да не може воопшто да отпатува, вели ветеринарката Наташа Бојчева
Во ек на годишни летни одмори, кога многу од сопствениците на миленици се мислат дали да патуваат со миленикот или не, кога се прашуваат што сѐ треба да направат за миленикот да го понесат со себе на одмор, ја прашавме ветеринарката Наташа Бојчева што сѐ му е потребно на миленикот за патување во странство?
- При патување, освен соодветни документи, потребно е да им обезбедиме на милениците што попозната средина и атмосфера за патувањето да не им предизвикува дополнителен стрес. Доколку е можно, миленикот треба да патува заедно со сопствениците, а не со трети лица, освен ако тоа не е оневозможено. За патување надвор од Македонија, милениците треба да бидат во добра општа здравствена состојба и да ги имаат сите потребни документи за да немаат проблем за преминување преку граница. Потребно е да имаат официјален пасош издаден од Ветеринарната комора на Македонија, микрочип, валидна вакцина против беснило и здравствен сертификат за патување. Исто така, миленикот треба да е прочистен од внатрешни паразити и заштитен од надворешни паразити со ампула или репелентно каивче - ни сподели Наташа.
Кој ги дава потребните документи?
Документите се издаваат од страна на матичниот ветеринар во посредништво со ветеринарен инспектор од Агенција за храна и ветеринарство.
- Откако ќе се обнови вакцината против беснило (доколку е истечена), треба да поминат 3 недели (21 ден) за таа да стане легално активна, а во меѓувреме да се поднесе барање за изготвување на документите за патување. Ако вакцината против беснило не е истечена, нема потреба да се чека 21 ден. Бидејќи летно време се изготвуваат многу документи, потребно е барањата да се поднесат десетина дена пред денот на патување - дополнува Бојчева.
Според нејзиното искуство, сопствениците најчесто грешат во подготовките за патувањето на миленикот, односно во средувањето на документацијата.
- Најчесто сопствениците или не знаат или забораваат дека милениците што имаат македонски пасош не можат да патуваат само со пасошот како нас. Поради ова, многу често плановите им се менуваат и може да се случи миленикот да не може воопшто да отпатува - појаснува ветеринарката.
Не се препорачува менување на храната
Кога станува збор за храна, најдобро е да се носи истата храна што миленикот ја јаде дома секој ден.
- Менувањето на храната нагло, односно менувањето на формулата од самата храна речиси секогаш предизвикува вознемиреност на желудникот кај милениците и тоа може да се манифестира со дијареја и повраќање. Затоа, за да се избегнат непријатни ситуации, не треба да се експериментира со храната. Од лекарства, практично е да се носи основен комплет за прва помош во кој ќе има гази, фластер, алкохол и хидроген, антибиотски прашок, пробиотици за животни, антихистаминик, аналгетици и доколку миленикот има хронични болести и прима терапија за тоа, тие лекарства никако не смеат да се заборават - потенцира Бојчева.
Многу е важно да се внимава кај кучињата кои ќе одат на плажа да не бидат на сонце предолго време бидејќи може да добијат сончаница или топлотен удар.
По пливање во море - бањање
- Кучињата не се градени анатомски како нас и не можат да се испотат. Телесната температура ја регулираат преку дишење на уста и преку шепите. Доколку подлогата е постојано топла (песок), не можат да го оладат телото преку шепите. Исто така, многу е важно да се внимава да не пијат солена вода (доколку одат на море), па практично е секогаш да носите свежа питка вода за кучето. Доколку пливаат во море, препорачливо е по пливањето да се исплакнат со обична вода за да се измие солта. Доколку кучето не се измие, може да се чеша и да му се исуши кожата - информира Наташа.
Најчести стресни ситуации на милениците им се возењето со автомобил и менувањето на средината.
- Доколку миленикот никогаш претходно не се возел со автомобил, препорачливо е пред патувањето да се повози на кратки дестинации за да се навикне. Доколку миленикот е анксиозен при возење, може да се дадат таблетки за смирување. За да има полесна акомодација во новата средина на одмор, препорачливо е да се земат чиничињата за храна и вода кои ги користи дома, како и дел од играчките за да има нешто со препознатлив мирис. Доколку зборуваме за мачка која има и креветче дома, задолжително понесете го и креветчето - дополнува ветеринарката.
Фото: приватна архива