Градот Ушуаја се наоѓа на најјужниот дел на Јужна Америка. Тој се смета за најјужниот град во светот. До градот оди мала железница која се користи за превоз на туристите до живописната долина Пико низ густо пошумената клисура Торо и прекрасниот национален парк.
Огнена Земја (или Исла Гранде де Тиера дел Фуего), островот на кој се наоѓа Ушуаја, бил еден од последните колонизирани региони на континентот. Островот бил откриен од Фердинанд Магелан во 1520 и тој му го дал името Тиера дел Фуего, што значи Огнена Земја, поради огнот и чадот што излегувале од населбите на островот.
Фото: Wikipedia
Малкумина Европејци се обиделе да се населат таму, но секогаш домородното население речиси исчезнувало поради болести донесени од странците. Првите доселеници пристигнале во втората половина на 19 век, а тогаш почнал и да се формира градот. Кон крајот на векот островот бил претворен во казнена колонија за сместување опасни криминалци.
На островот имало затвор во кој се чувале осудениците. Со текот на годините, затворениците станале несаканите колонизатори на островот. Тие изградиле град со дрва од шумата околу затворот, а ја изградиле и железничката пруга која ја користеле за пренос на материјали. Оригиналната пруга била изградена со дрвени шини, а на неа волови ги влечеле вагоните.
Во 1909 пругата била изградена со челични шини на кои возела парна локомотива. Пругата се протегала покрај брегот од затворот до шумарски камп. Возот станал познат како „воз на затворениците“. Железницата постепено се продолжувала во шумата, следејќи ја долината на реката Пипо. Со постојаното градење се зголемувал и градот, а затворениците обезбедувале многу услуги и стоки.
Затворот бил затворен во 1947, а во 1950 била формирана поморска база во Ушуаја. Градот останал отсечен од остатокот на светот до 1982, кога повторно била воспоставена демократија во Аргентина. Заборавената пруга повторно била изградена и пуштена во употреба како туристичка пруга.
Фото: Wikipedia
Таа сега се нарекува „воз до крајот на светот“ и претставува најјужна функционална пруга во светот. За време на
возењето туристите може да го видат стариот затвор, кој сега служи како главна железничка станица.
Автор: Кошник Патовари
Извор:
amusingplanet.com