X
 12.08.2023 Живот

Афроамериканските научници зад проектот „Менхетен“ работеле на создавање на атомско оружје, но не знаеле на што работат

Во екот на Втората светска војна во 1942 година, американската влада започнала програма за развој на атомско оружје, одговарајќи на разузнавачките информации дека Германија развива сопствена нуклеарна технологија. Програмата го добила името  проект „Менхетен“, по локацијата на првото седиште во Њујорк, а ја воделе истакнати научници како Роберт Опенхајмер и Енрико Ферми. Во најдобрите времиња, за проектот „Менхетен“ биле ангажирани речиси 130.000 луѓе, вклучувајќи и илјадници Афроамериканци од кои повеќето работеле на ниски работни места како чувари, готвачи и работници. Во лабораториите имало најмалку 19 такви научници и техничари меѓу околу 400 научници вработени во проектот.

- Проектот е уникатен по тоа што ги собира луѓето со темна кожа, луѓето со бела боја, христијаните и Евреите, за една заедничка цел - изјавил во тоа време Артур Комптон, директор на  „Менхетен“ во Чикаго.

Иако голем дел од нивната работа била обвиткана во тајност, намерно поделена за да не знаат за што се работи, научниците од проектот „Менхетен“ дале голем придонес во разбирањето и развојот на нуклеарната наука.

Во 1941 година, за да ги поттикне можностите за вработување на Американци со темна кожа, претседателот Френклин Д. Рузвелт ја издал извршната наредба 8802, во која се наведувало дека нема да има дискриминација при вработувањето на работниците во одбраната на владините индустрии поради раса, религија, боја или национално потекло.

Во текот на 40-тите, илјадници мажи и жени со темна кожа мигрирале во руралните заедници како што се Оук Риџ и Ханфорд, кои биле локации на неколку огромни проекти на проектот „Менхетен“, и биле вработени како градежни работници, чувари или домари.

Во две од овие места домувањето било одвоено, а повеќето Американци со темна кожа живееле во тесни колиби - мали структури од иверица со прозорци, шпорет и без водовод. Иако на белите парови им било дозволено да живеат заедно, на црните парови не им било дозволено. Многумина не биле услужувани во продавници и ресторани.

Кога владините документи од проектот „Менхетен“ биле декласифицирани, научниците со темна кожа почнале да се препознаваат по нивниот придонес и да се поздравуваат како примери.

proekt
Фото: Wikipedia

Меѓу нив бил и Вилијам Џејкоб Нокс Џуниор, хемичар со докторат од Технолошкиот институт во Масачусетс. Неговата работа за сепарација на ураниум била клучна за развојот на атомски бомби. Нокс станал единствениот супервизор со темна кожа на проектот „Менхетен“ откако бил назначен за раководител на одделот за корозија на проектот на Универзитетот Колумбија, а под него работеле само белци.

Во 1944 година, 21-годишниот математичар Џеси Ернест Вилкинс се приклучил на Мет лабораторијата на Универзитетот во Чикаго за да го истражува плутониумот. Чудото од дете кое на 13-годишна возраст бил најмладиот студент примен на Универзитетот во Чикаго, дипломирал, магистрирал и докторирал за само шест години.

Заедно со работата на другите црни научници како Џаспер Џефрис, Каролин Паркер, Семјуел Проктор Мејси и Мод Даниел Трејлор, придонесите на Вилкинс и Нокс биле клучни за проектот „Менхетен“.

Поради крајната тајност околу проектот, многу малку луѓе ја знаеле целта на нивната работа.

- Веројатно не повеќе од десетина мажи во целата земја го знаеле целосното значење на проектот „Менхетен“ - проценило списанието „Лајф“ во 1945 година.

Но, кога нејзината цел стана јасна, 70 научници и истражувачи, вклучувајќи ги Вилкинс и Џефрис, ја потпишале петицијата „Силард“ во 1945 година, барајќи од претседателот Труман да не ја користи атомската бомба против Јапонија. Сепак, претседателот не ја видел петицијата пред САД да ја фрли првата атомска бомба врз Хирошима.

По бомбардирањето, Американците биле поделени во однос на нивната рекација за проектот „Менхетен“. Некои го поздравиле вклучувањето на Афроамериканците во проектот „Менхетен“ како доказ за научниот рационализам кој го надминува расизмот, додека други го сметале за неопходно средство за завршување на војната.

Истовремено, истакнати личности го критикувале бомбардирањето на Јапонија, прашувајќи се дали Сојузниците воделе „расна војна“ кога ја искористиле бомбата против Јапонците, но не и Европејците.

Многу научници со темна кожа вклучени во проектот „Менхетен“ продолжиле да градат кариери кои ја унапредувале технологијата и ги проширувале можностите за други научници.

По војната, Нокс, хемичар од МИТ, заработил 21 патент во текот на неговата кариера, а Вилкинс се залагал за мирно користење на нуклеарната енергија и помогнач да се воспостави програма за млади црни научници.

Извор: Telegraf.rs
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот