X
 12.10.2021 Наша тема

Студенти реагираат - не се исплатени парите за субвенциониран оброк, надлежните смируваат дека проблемот ќе се реши

На сите студенти што добиле решение дека ги исполнуваат условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк ќе им бидат исплатени средствата, уверуваат од МОН

На некои студенти не им се стасани парите што требаше да ги добијат за субвенциониран студентски оброк, а на некои, пак, им се стасани двојно повеќе на сметките, реагираат студенти кои се обратија до редакцијата на Факултети.мк, а кои требало да ги добијат парите. Оваа новина треба да биде системско решение уредено со закон, со кое на младите треба да им се олесни животот во текот на студирањето, односно да добиваат по 2.400 денари девет месеци во годината.

- На голем дел од студентите не им се стигнати паричните средства, а од друга страна, на некои студенти им се стигнати двојно повеќе. Бев во Министерството за образование и наука (МОН) лично да прашам зошто не ми се стигнати парите, па излезе дека моите и парите на други студенти се, всушност, пратени на погрешно место (кај оние што добиле двојно). Не се знае дали ние што не сме добиле, ќе ги добиеме тие пари од септември. Ако не реагирав во МОН, залудно ќе си чекав - вели студент во писмената реакција испратена до нашата редакција.

Ги прашавме надлежните од МОН во што е проблемот, а оттаму уверуваат дека на сите студенти што добиле решение дека ги исполнуваат условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, средствата ќе им бидат исплатени.

- Исплатата почна минатата недела и најголем дел од студентите ги добија средствата за 15 дена од месец септември, а во текот на оваа недела ќе ги добијат и другите студенти - велат оттаму.

Во врска со ова реагираа и одговорните од Универзитетското студентско собрание, од каде што соопштија дека сите студенти што не ги добиле средствата за деновите од септември (1.440 денари) на име „субвенциониран студентски оброк“, треба да пратат е-порака со име и презиме и идентификациски број на апликацијата на адресите: qenan.sali@mon.gov.mk, nese.mustafa@mon.gov.mk или на rahime.memedi@mon.gov.mk.

- Запознаени сме со информацијата дека на студентите им стигнаа околу 1.400 денари на сметките на име субвенциониран студентски оброк. Студентите можат да го остварат ова право секој работен ден започнувајќи од 15 септември, така што овие скратени средства од 1.400 денари се за деновите од септември. Апелираме до Министерството за образование и наука веднаш да изнајде начин на студентите да им бидат исплатени средствата за субвенциониран студентски оброк на почетокот од тековниот месец, бидејќи нема смисла средствата да се исплаќаат за месец што веќе поминал. УСС ќе поднесе писмено барање до МОН за исплаќање 2.400 денари во октомври за оброците што би требало да бидат обезбедени во октомври, и на тој начин да се фати редот и да се продолжи со редовно месечно исплаќање на средствата. Бесмислено е да се рефундираат средства кога целата идеја е да им се помогне на оние што во моментот немаат доволно - реагираа неодамна од Универзитетското студентско собрание.



Инаку, до 31 октомври повторно може да се аплицира на јавниот повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк.

- Вториот рок трае до 31 октомври и се однесува на сите новозапишани студенти, но и на оние што ги исполнуваат условите, а не успеале да се пријават и да го остварат ова право во првиот рок. Пријавувањето за субвенциониран студентски оброк е дигитализирано, односно се спроведува исклучиво електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/ и многу едноставно, со прикачување два документи – пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка - информираат од МОН.

Во првиот рок пристигнале вкупно 21.693 апликации, а правото на субвенциониран студентски оброк го оствариле 18.149 студенти. Како што појаснуваат надлежните, субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое на младите значително им се олеснува животот за време на студирањето, односно добиваат по 2.400 денари 9 месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци.

Право на оваа финансиска поддршка имаат сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на Македонија и кои не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по која било основа поголем од минималната нето-плата во тековната година.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема