X
 30.09.2021 Образование

Утре почнува вториот рок за аплицирање за субвенциониран студентски оброк

Министерството за образование и наука информира дека од утре повторно може да се аплицира на Јавниот повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк. Вториот рок трае до 31 октомври и се однесува на сите новозапишани студенти, но и на оние што ги исполнуваат условите, а не успеале да се пријават и да го остварат ова право во првиот рок.

Пријавувањето за субвенциониран студентски оброк се спроведува исклучиво електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/ и многу едноставно, со прикачување само два документи – пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка.

Од МОН информираат дека во рамките на првиот рок пристигнале вкупно 21.693 апликации, додека правото на субвенциониран студентски оброк го оствариле вкупно 18.149 студенти. Дополнително, во фаза на разгледување биле сите пристигнати приговори, а за конечната одлука подносителите ќе бидат известени во текот на следната работна недела.

- Субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое на младите значително им се олеснува животот за време на студирањето, односно добиваат по 2.400 денари 9 месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци. Право на оваа финансиска поддршка имаат сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на Македонија и кои не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по која било основа поголем од минималната нето-плата во тековната година - се наведува во соопштението.

МОН обезбедува поддршка при аплицирањето за субвенциониран студентски оброк, преку Секторот за ученички и студентски стандард. Личните контакти на вработените во овој сектор се наведени на следниот линк.

Фото: архива

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование