10.09.2018
Образование
Студентите, сепак, ќе почекаат за „Субвенциониран оброк“
Иако македонските студенти се понадеваа дека од оваа академска година ќе им се олесни студентскиот живот, сепак, ќе мора да се стрпат
Студентите во Македонија ќе треба да се стрпат за да добијат поголеми придобивки во врска со нивниот студентски стандард. Имено, проектот „Субвенциониран студентски оброк“ допрва треба да добие законско решение, па да почне да се спроведува.
Од МОН не најавуваат кога би можело да се очекува да почне да се применува овој проект.
На владина седница минатата недела било одлучено МОН да подготви целосно нов закон за имплементација на проектот „Субвенциониран студентски оброк“.
Од МОН велат:
- За овој процес ќе биде отворена широка дебата за формулирање и усвојување на најдоброто законско решение кое ќе ги задоволи интересите на студентите и ќе го олесни студентскиот живот.
Кон крајот на јануари, тогашната министерка за образование и наука Рената Дескоска најави дека МОН треба да изготви предлог законски и подзаконски акти за имплементација на проектот, најдоцна до 31 мај годинава.
Проектот предвидува можност за субвенционирање на потребите на студент по негов избор, и тоа: оброк, автобуска карта, карта за театар, книга и други услуги во текот на денот, а плаќањето ќе се врши преку мобилен телефон или дигитална студентска картичка.
Овој проект повеќе од десет години успешно се спроведува во Словенија. Од тамошните институции постои согласност и поддршка за имплементирање на проектот и кај нас, со одредени приспособувања, согласно финансиските можности – информираа од Владата.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk