X
 12.10.2023 Наука

Што открива првиот поглед на примерокот од астероидот Бену, стар 4,5 милијарди години

- Она што го видовме досега е навистина прекрасно - вели д-р Ешли Кинг, научник од Обединетото Кралство кој е дел од избраната група што прва го анализирала карпестиот примерок од астероидот Бену.

Материјалите, собрани од мисијата на НАСА и вратени на Земјата пред 17 дена, моментално се испитуваат во специјална лабораторија во Тексас.

Тридневната анализа на експертот од Природонаучниот музеј и уште петмина од неговиот тим покажа дека црниот, вонземен прав е богат со јаглерод и минерали преполни со вода.

Тоа е одличен знак. Постои теорија дека астероидите богати со органски јаглерод, богати со вода, слични на Бену, можеби биле вклучени во „испораката“ на клучните компоненти на младиот Земјен систем пред околу 4,5 милијарди години. Тоа е како потенцијално да сме добиле вода во нашите океани и некои од соединенијата што биле неопходни за да започне животот.

Примероците од Бену ќе се користат за тестирање на овие идеи.

nasa
Фото: NASA

- Се обидуваме да откриеме кои сме, што сме, од каде дојдовме. Кое е нашето место во оваа пространост наречена универзум? - вели администраторот на НАСА, Бил Нелсон.

Иако е очигледно дека мисијата вратила многу примероци, научниците сè уште не се сигурни точно колкав дел од Бену имаат во нивна сопственост.

Тимот мисли дека има вкупно 250 грама, но потребни се уште неколку дена внимателно расклопување за да се потврди оваа процена.

За да ги изведат своите првични експерименти, д-р Кинг и неговите колеги користеле честички од внатрешната комора. Прашината била ставена во електронски микроскоп за да биде скенирана и испитана преку инфрацрвена спекторскопија.

Еден од клучните наоди е присуство на јаглерод и вода. Главниот истражувач, д-р Данте Лаурета, космохемичар од Универзитетот во Аризона, ја истакна содржината на вода во примероците.

- Сакам да застанам и да размислам што значи тоа. Мислиме дека така водата стигнала на Земјата. Причината што Земјата е свет погоден за живот, што имаме океани и езера, реки и дожд, се токму тие глинени минерали, оние што ги гледаме од Бену - тие слетале на Земјата пред 4,5 милијарди години - вели космохемичарот.

Вселенското летало „Озирис-Рекс“ ги подигна материјалите во октомври 2020 година, правејќи храбар маневар за да му се приближи на астероидот. Станува збор за операција изведена на 330 милиони километри. Беа потребни речиси 3 години за леталото на НАСА да се врати дома и да го остави својот скапоцен товар на Земјата.


Откако ќе се извади целосниот примерок, дел од него ќе биде споделен со истражувачите низ светот. Целта на истражувачите е да завршат со истражувањата навреме за да се пријават на Конференцијата за лунарна и планетарна наука во март. НАСА планира да остави приближно 75 отсто од примерокот во архивата за да зачува дел за идните генерации, за потенцијалните научници во иднина што ќе работат во лаборатории, користејќи инструменти што сè уште чекаат да бидат создадени.

- Науката што успеавме да ја добиеме од мисијата досега, заедно со примероците на кои дури сега добиваме увид, е само почеток на богатството од знаење што можеме да го очекуваме од Озирис-Рекс - рече Ајлин Стансбери, главен научник во Џонсон.

Извор: BBC
Фото: NASA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука