X
 12.12.2019 Живот

Роботска сонда ќе собира отпад од вселената

Земјината орбита стана гробишта за поранешните вселенски мисии. Илјадници сателити што не се во функција и делови од стари ракети се движат по небото со брзини кои во просек изнесуваат 20.000 километри на час. Тој отпад е постојана закана за новите мисии.

Во обид да го реши проблемот, Европската вселенска агенција (ЕСА) официјално одобри околу 133 милиони долари потребни за финансирање на „Клиар Спејс1“ - првата мисија во светот посветена на чистење на вселенскиот отпад.

Планот на ЕСА е тим предводен од швајцарскиот стартап „Клиарспејс“ да лансира роботска сонда во вселената во 2025 година. Сондата ќе ги користи нејзините четири раце за да ја зграпчи „Веспа“, парче вселенски отпад тежок 100 килограми оставен во вселената од лансирната рампа на ЕСА наречена „Вега“.

Штом еднаш ќе ја зграпчи „Веспа“, сондата ќе ја довлечка кон Земјата, при што и сондата и отпадот ќе согорат во атмосферата.

Ослободувањето од едно парче вселенски отпад нема да направи многу во борбата со клучната закана. Исто така, систем вреден 133 милиони долари, кој во суштина се самоуништува секогаш кога ќе собере парче отпад, нема да биде баш рентабилна опција.

Сепак, во ЕСА се надеваат дека мисијата ќе ги демонстрира технологиите што се потребни за чистење на вселената и ќе доведе до идно создавање на собирач на отпад кој може да испраќа отпад кон Земјината атмосфера без самиот да биде жртвуван во процесот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот