X
 13.03.2020 Наука

Нешто чудно се случува со ѕвездата Северница

Ѕвездата Северница е најблиска до северниот небески пол на Земјата, а воедно е и најсјајната ѕвезда во соѕвездието Мала Мечка. Со векови оваа ѕвезда, која се наоѓа речиси точно над Северниот Пол, им служи на патниците за ориентација. Таа воедно е и најблиската кефеида - посебна класа ѕвезди што непрестајно пулсираат. Последните испитувања покажуваат дека многу работи не знаеме за оваа ѕвезда, како и дека таа не се вклопува во ниеден ѕвезден модел кој го применуваат астрофизичарите.

Постојат неколку начини како да се пресметаат масата, староста и оддалеченоста на ѕвездите како Северницата. Еден од нив е моделот на ѕвездена еволуција. Со помош на неа научниците ги проучуваат сјајот, бојата и темпото со кое пулсира ѕвездата, а потоа тие податоци се користат за да се одреди големината на ѕвездата, интензитетот со кој сјае и во која фаза од животот се наоѓа. Така, астрофизичарите можат многу лесно преку математички пат да ја утврдат оддалеченоста на ѕвездата од Земјата.

Моделите што ги применуваат астрофизичарите се исклучително прецизни за кефеидите. Сепак, кога податоците добиени по овој пат ќе се споредат со мерењата на вселенскиот телескоп „Хабл“ и другите пресметки, се доаѓа до значителни неусогласености. Околу ѕвездата Северница орбитира и ѕвездата Polaris B, нејзиниот сопатник со послаб сјај. Иако ѕвездите во бинарниот систем, како што е овој, се приближно со иста големина, пресметките покажуваат дека Polaris B всушност е многу постара од Северницата. Освен тоа, моделот на ѕвездена еволуција пресметал дека масата на Северницата е 7 пати поголема од нашето Сонце, додека мерењата со различен метод покажуваат дека нејзината маса е 3,75 пати поголема, што е голема и збунувачка разлика.

Научниците претпоставуваат дека дошло до грешки при мерењата. Со оглед на тоа дека Северницата се наоѓа над Северниот Пол на Земјата, таа е надвор од дометот на повеќето телескопи, додека попрецизните телескопи се наменети за набљудување на ѕвездите што се пооддалечени и со послаб сјај. За нив Северницата е пресветла, а и ги заслепува.

Постои уште една теорија според која Северницата настанала со судир на две ѕвезди пред неколку милиони години, што ја ревитализирало, а тоа би можело да објасни и зошто ниеден модел на пресметување не е применлив во овој случај. Астрофизичарите се сложуваат околу ова тврдење. Иако не е невозможно, не се пронајдени темелни докази, па ѕвездата Северница засега останува мистерија.

Извори: Live Science, Index
Насловна фотографија: Wikipedia
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука