X
 13.03.2021 Живот

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Кој е највисокиот водопад во Македонија?

Водопадите се образуваат кога реката е млада. Тогаш каналот е тесен и длабок. Кога реката тече низ отпорната карпеста површина, таа постепено еродира, додека пак подолу низводно ерозијата се одвива побрзо. Водотекот се забрзува кон работ на водопадот и така носи материјал од коритото. Во турбуленцијата се создаваат водовртежи, а песокот и камењата што ги носи водата уште повеќе ја зголемуваат стапката на ерозија.
Во Македонија попознати се следниве водопади: Смоларски, Колешински, Пехчевски, Дуфски, Беловишки, Бабунски, Самовилски, Ѓаволски...

Но, кој е највисокиот?



Корапскиот Водопад на Длабока Река (или Пројфелски Водопад) на планината Кораб е највисок водопад во Македонија, со над 130 метри (во различни извори може да се најдат различни податоци за висината на водопадот, а бројките варираат меѓу 70 до 138 метри). Се јавува на вертикална карпа која е продолжение на стрмната источна страна на врвот Мал Кораб. Горната точка на Корапскиот Водопад се наоѓа на надморска височина од околу 2.050 м, а долната е на надморска висина од околу 1.950 м.

Формиран е како последица на истекувањето на огромниот ледник кој го продлабочил горното корито на Длабока Река, пресекувајќи ја карпата на неговиот пат.



Водопадот јасно може да се види од далечина само во пролетните месеци и во почетокот на летото додека се топи снегот, кога количеството на вода е поголемо. Зимно време е комплетно замрзнат, а во доцните летни месеци и почетокот на есента останува да се полни со водата од неколкуте мали извори што се наоѓаат веднаш под врвот Мал Кораб и во близина на Мало Корапско Езеро - количина на вода која поради големата вертикала може да се забележи само од непосредна близина, но не и оддалеку, при што изгледа како да е пресушен.

Поради непристапниот терен и краткиот временски интервал во кој може да се посети, многу малку луѓе имаат можност да го видат во својот полн сјај. Најдобар период за посета е јуни, кога снегот нема да претставува голема пречка за да се стигне до водопадот, а и поради топењето на преостанатиот снег, количеството на вода е релативно големо.




Извор и фото: Википедија

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот