Овој начин на патување со делење трошоци функционира така што оној кој планира да патува со автомобил, на интернет објавува каде патува, во колку часот и колку слободни места има и му се јавуваат заинтересирани лица кои што треба да патуваат на истата дестинација.
Треба да стигнете до некоја подалечна дестинација во Македонија, но немате автомобил. Термините кога има автобус не ви одговараат или пак треба да смените два-три автобуси, воз до таму нема, а патувањето со такси ќе ве чини неколку илјади денари. Решението за ваквите ситуации се повеќе луѓе од земјава го наоѓаат на интернет, на различните страници страниците за делењето трошоци за превоз.
Овој начин на патување со делење трошоци го користат најчесто младите луѓе, средношколци и студенти, но во последно време станува се популарен и кај повозрасните граѓани. Функционира на тој начин што оној кој планира да патува со автомобил, на интернет објавува каде патува, во колку часот и колку слободни места има и му се јавуваат заинтересирани лица кои што треба да патуваат на истата дестинација.
Заеднички се договараат за времето на тргнување, местото каде што ќе се чекаат и други детали, а на крај ги делат трошоците за гориво и за патарини. На фејсбук функционираат повеќе вакви страници за превоз до различни дестинации. Така, има страница за превоз Битола-Скопје, Битола-Охрид, Охрид-Скопје, Скопје-Ресен и други градови. Ова не е новина во светот, каде што организирањето за превоз на ваков начин функционира од поодамна.
Луѓето кои што патуваат на овој начин велат дека сите имаат корист – и возачите и патниците. Битолчанецот Димитар Петковски кој студира во Скопје многу често наоѓа превоз до Битола токму преку фејсбук.
- Порано патував по 3-4 саати до Битола со автобус или со воз бидејќи како студент, финансиски не можам да си дозволам да патувам со автомобил. Откако ја открив фејсбук страницата за делење превоз, постојано патувам со луѓе што ги наоѓам таму. Патувањето во еден правец ме чини 300 денари, ме земаат од дома и ме носат до дома. Плус, си правиме муабет по пат и времето побрзо поминува. Дефинитивно ова е најисплатливиот начин за патување низ земјава. Речиси сите мои другари и познаници кои студираат во Скопје го користат овој тип превоз. Тука не станува збор дека некој заработува, бидејќи возачот не добива плус пари, туку само ги дели трошоците со другите – вели Димитар.
Тој додава дека иако не станува збор за нелегален бизнис, сепак тој им е трн во око на многумина, особено на регуларните превозници.
- Изминатиот период некој интензивно пријавува во полиција, па неколкупати досега се случило возилото во кое се возам да го запре полиција и да го испрашува возачот дали ги познава патниците во колата и дали ги нашол преку фејсбук. Не знам зошто им пречи овој начин на превоз кога не станува збор за бизнис, туку за едноставно делење на трошоците, исто како кога се дели сметка во кафеана. Тука нема никакво прекршување на законот – вели Димитар.
Освен фејсбук страниците, ваков превоз може да се најде и преку специјализираните интернет-страници. Во Македомнија таква е возиме.мк, страница која што почна да функционира од март годинава и веќе има 310 регистрирани членови. Системот на функционирање е едноставен, сите што сакаат да најдат соодветен превоз до одредена дестинација треба само бесплатно да се регистрираат на страницата, по што можат да објавуваат или да резервираат превоз. Анастас Петровски, еден од основачите на возиме.мк , вели дека досегашното искуство покажува дека страницата најмногу ја користат млади на возраст од 20 до 32 години, но дека во последно време се зголемува бројот и на повозрасни членови.
- Идејата за основање на страницата дојде од практични причини, бидејќи и самиот се најдов затекнат да се возам 4 часа од Скопје до Битола по цена која баш и не одговара на просечниот студентски буџет. Заедно со мојот другар Димитар Фуна се пријавивме на Бизнис старт ап викенд во Скопје пред една година и така почна целата приказна. Интересот расте секојдневно како што луѓето дознаваат за самиот концепт на делење на трошоци, но сметам дека главната причина за големиот интерес е рангирањето на возачите и патниците. Односно, секој што ќе резервира место и патува може да остави коментар за своето искуство. Со тоа секој си гради свој рејтинг и го одржува, а ги намалуваме шансите за нечие незадоволство – вели Анастас.
Според него, културата за користење на превоз преку делење на трошоците во Македонија полека еволуира. Во моментов страницата најмногу се користи за патувања низ Македонија, но од пред две недели преку неа може да се резервира превоз и за во странство.
- Од пред две недели на сајтот вклучивме меѓународни дестинации, летувалишта и познати дестинации во соседството кои наидоа на добар интерес. Сметам дека нивната актуелност ќе порасне за време на летниот период – вели тој.