X
 27.02.2023 Уметност

Македонија наплаќала највисок данок на музички шунд во поранешна Југославија

Неодамна градоначалникот на хрватскиот град Пула, Филип Зоричиќ, го забрани одржувањето на концерти на фолк-пејачи во овој град.

Концертот на Ана Бекута, Драган Којиќ Кеба, Душко Кулиш и Зорана Мичановиќ, кој требало да се одржи во Пула на 25 март, бил откажан и преместен во Осиек. Меѓутоа, градоначалникот на Осиек, Иван Радиќ, потоа изјавил дека ќе биде забрането одржувањето на овој концерт во градот.

Поради овие настани, во Хрватска се кренаа дебати за жанровите на музика кои се сметаат за квалитетни. Едни тврдат дека турбо-фолкот не му одговара на идентитетот на градовите како Пула и Осиек, а оние постарите се потсетиле како тоа изгледало во поранешна Југославија. Имено, песните пред објавувањето најчесто морале да ги поминат критериумите на различни комисии.

Една од овие комисии била таканаречената „комисија за шунд“, која ја одредувала уметничката вредност на песните. Авторите на оние песни што биле означени како шунд требало да платат дополнителни даноци. Музичкиот критичар Дарко Главан, кој бил член на ваква комисија, објаснил дека комисијата предлагала ослободување на дополнителен данок на авторите на песни што се сметале за уметнички вредни.

Шундот бил најскап во Македонија

Според текст од 1979 година, објавен од веб-страницата „Југопапир“, даноците се разликувале од регион до регион. Во Србија, данокот за песните што се сметале за шунд изнесувал 23 отсто. Тој бил најскап во Македонија, каде што изнесувал 100 отсто. 

Во документарниот филм „Другата страна на рокенролот“ се зборува за цензурата во музиката и данокот на шунд. Филмот раскажува за примери кога музичари чекале со месеци да објават плоча, како и дека плаќале повеќе за објавување плочи што биле означени како шунд.


Извор: Klix
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Уметност