Научници тврдат дека создале глувци од двајца татковци и ова откритие во иднина би можело да се примени и кај луѓето.
Каџухико Хајаши од Универзитетот во Осака изјави дека успеал да го направи тоа по менување на хромозомите во машките клетки од XY во XX. Потоа ја искористил таа техника за да создаде ооцити од машки клетки и да ги оплоди за да создаде седум глувци од двајца биолошки татковци.
Откритието сѐ уште е во рана фаза на развој, но, ако се потврди, ги зголемува изгледите еден ден машките парови да имаат биолошки деца.
Клетките се приспособливи и научниците научија да ги менуваат од еден тип во друг. За да направат јајце-клетка, научниците искористиле клетки од кожата на мажјакот со X и Y хромозоми и ги репрограмирале за да ги претворат во таканаречени плурипотентни матични клетки - клетки што може да се претворат во кој било друг вид клетки.
Потоа ги избришале Y хромозомите во клетките и ги дуплирале X хромозомите на клетките, пред да ги поттикнат клетките да се претворат во јајце-клетки со два X хромозома.
Техниката била искористена за да се создадат седум глувчиња, за кои научниците велат дека изгледаат здрави.
Ќе биде потребно време пред технологијата да може да се користи безбедно и кај луѓето. Глувците се поразлични од луѓето и кај нив јајцата не се многу квалитетни - само едно од 100 оплодени јајца резултирало со живороден глушец.
Но, Хајаши е оптимист и предвидува дека создавањето јајце-клетки од машки клетки кај луѓето ќе биде возможно за десет години.
Техниката би можела да им помогне на жените и луѓето со два Х хромозома, кои имаат генетски проблеми со еден од X хромозомите, да имаат деца, смета тој. Сепак, тој вели дека првин треба да се докаже дека сето тоа е безбедно.
- Технички, ова е можно, но не сум сигурен дали во оваа фаза е безбедно и прифатливо за општеството.
Извор:
Science Alert
Фото: Pixabay