X
 13.04.2019 Технологија

„Фејсбук“ ќе ни избрише една апликација од телефонот

По пет години од осамостојувањето на апликацијата „Месинџер“ за сите корисници, компанијата „Фејсбук“ ја враќа во рамките на апликацијата „Фејсбук“.

До „Месинџер“ ќе се пристапува преку познатото копче, но нема да се отвора посебна апликација, туку корисниците ќе се допишуваат во самата фејсбук-апликација на „Андроид“ и iOS системите.

Промената веќе се тестира на профилите на некои корисници низ светот, кои се и извор на овие вести. Ова значи дека наскоро ќе имаме една апликација помалку на нашите паметни телефони. Не е познато кога оваа промена, односно вградувањето на „Месинџер“ во „Фејсбук“ ќе важи за сите корисници, но тоа е нешто што е извесно.

Со враќањето на „Месинџер“ во „Фејсбук“ компанијата сака да ги обедини сите адути на платформата, која сега е многу повеќе отколку што беше во 2014 година, кога „Месинџер“ беше одделен. Сега „Фејсбук“ нуди опции за плаќање, испраќање пари, разговор со ботови, а сето тоа се врши преку „Месинџер“. За да може корисникот сето тоа да го прави побрзо и подобро, „Фејсбук“ смета дека обединувањето е најдобар избор.

Извори веруваат дека враќањето на „Месинџер“ се случува и поради тоа што наскоро ќе бидат обединети сите платформи за допишување кои се во сопственост на „Фејсбук“ - Инстаграм, Вацап и Месинџер.

Се претпоставува дека корисниците што ќе сакаат да го користат автономниот „Месинџер“ ќе можат да го прават тоа, но не се знае до кога, односно дали самостојната апликација некогаш ќе биде отстранета.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија