Софистициран систем за прогноза на аерозагадувањето во Македонија денеска беше промовиран на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство од Скопје. Научници од ФИНКИ работеа со колеги од Универзитетите во Виена и во Сао Пауло, Бразил. За проектот денеска зборуваа проф. д-р Боро Јакимовски од ФИНКИ и проф. д-р Владо Спиридонов од Универзитетот во Виена.
Квалитетот на воздухот претставува една од главните грижи на граѓаните во нашата држава и пошироко во изминатите години. Зголеменото ниво на аерозагадување постојано се следи со воведување софистицирани мерни станици, чие мерење дава релевантни податоци за тековното ниво на загадување, како и историско следење на нивото на загадување, велат од ФИНКИ.
Јани Макрадули, заменик-министерот за животна средина, професорите Боро Јакимовски и Владо Спиридонов и Иван Чорбев, декан на ФИНКИ
За таа цел, развиен е прототип на систем за моделирање на квалитетот на воздухот за Македонија, базиран на најнапредниот атмосферско-хемиски модел WRF-Chem во кој се вклучени емисии на гасови од антропогени, биогени, фосилни горива, вклучувајќи и мобилни извори. Симулациите се извршуваат на процесирачките капацитети на ФИНКИ. Апликацијата за визуализација на моделот и мобилните апликации се развиени од страна на ИНТЕЛИГЕНТА ДОО. Системот е дизајниран за детална прогноза на времето и аерозагадувањето со висока резолуција преку регионален домен што ја опфаќа Македонија и три други избрани домени што добро одговараат на организацијата на мерењата за квалитетот на воздухот во Македонија.
За потребите на граѓаните и јавноста развиена е апликација со современа веб-страница, како и мобилна апликација која вклучува процена на концентрациите на одделни аерозагадувачи (PM10, PM2.5, SO2, NO) за секое место во државата, со аларм за можни екстремни епизоди за четири дена однапред.
Оваа апликација е од голема корист за државата и институциите за преземање заштитни и превентивни мерки за намалување на штетните последици врз здравјето на луѓето предизвикани од аерозагадувањето.
Со поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање, тимот продолжува напорно да работи на унапредување на моделот, системот, визуализациите и алатките со цел добивање поточна прогноза, како и прогноза со повисока резолуција.
Проблемот поврзан со загадувањето на воздухот е многу сложен бидејќи многу фактори придонесуваат за зголемување на концентрацијата на главните аерозагадувачи со посебен акцент ПМ-честички (урбанизација, специфична топографија, извори на емисии, фактори на животната средина, метеорологија), велат од ФИНКИ.
Мобилните апликации се достапни на iOS и на Андроид. Мобилната апликација може да се симне на
Play Store и
Apple Store.
Проф. д-р Боро Јакимовски, раководител на тимот од ФИНКИ