13.04.2022
Образование
Штрајкот продолжува, нема договор помеѓу МОН и СОНК
Министерството за образование и наука и СОНК не успеаја да постигнат договор за прекин на штрајкот на денешната средба на која разговараа за барањата на синдикалците.
„Немаме добри вести за јавноста. Штрајкот ќе продолжи. Немаме конкретно ветување дека зголемувањето на платите ќе биде во одреден процент. Повеќе се зборуваше за продолжување на наставата и како ќе се надополнат часовите. Околу ова имаме исти став дека преговорите треба да се интензивираат. Од таа причина од МОН очекуваме да излезат со конкретен предлог и некаков допис како гаранции, изјави претседателот на СОНК, Јаким Неделков после состанокот со Министерството за образование и наука. Тој во изјавата за медиумите нагласи -Сите сме расположени за прекин на штрајкот, но членството треба да одлучи околу таа одлука. Немаме добиено никаков предлог и не можеме да зборуваме за сума. Во правец на наставата се одвиваа разговорите. Ние сме со став дека не треба да се продолжи учебната година, може и во предвидениот рок да се надополнат пропуштените часови, рече Неделков.
Претседателот на СОНК додаде министерот Шаќири не знае колку ќе биде покачувањето на платите, но дека ветил дека ќе се зголемат.
„Одлуката на СОНК за организирање на генерален штрајк во образованието не само што не го надминува предизвикот, туку напротив, создава повеќе дополнителни проблеми. Затоа, апелирам до вас како раководство на синдикатот да ја промените политиката на изразување незадоволство на ваков начин и да му дадете можност на социјалниот дијалог“, истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешниот состанок со претседателот на СОНК. Тој на средбата нагласил дека непримањето на деца во училиштата и неспроведување на настава влијае на социјализацијата на учениците и создава празнини во знаењата кои понатаму потешко се пополнуваат. Воедно истакнал дека учениците и онака веќе изгубија голем дел од наставата, учејќи во вонредни околности и услови на пандемија повеќе од година и половина.
На средбата министерот за образование и наука најавил дека ќе има повисоки плати за наставниците ќе има, но, нагласил во меѓувреме заеднички приоритет да биде враќањето на учениците таму каде што им е местото. Тој додаде дека секој нереализиран наставен ден поради штрајкот, значи продолжување на наставната година по 9ти јуни, имајќи предвид дека законските прописи не дозволуваат намалување на наставните програми во вакви околности. Ова ќе доведе распустот на учениците да мора да биде одложен соодветно на бројот на неодработени денови, а согласно изменит за Календарот за организација на учебната 2021/2022 година.