Зошто СОНК смета дека покачувањето на платите од 2.500 денари е малку? Ова едноставно не може да се смета за разумен став, туку за очигледен притисок, со што е евидентно дека личните интереси се ставаат пред оние на децата, вели премиерот Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски ја оценува одлуката на СОНК да ја одбие понудата за покачување на платите во образованието и предучилишното згрижување како ненадоместлива штета во образованието на учениците и отежнување на секојдневието на родителите.
- Денеска почнува втората недела во која децата нема да бидат во училишните клупи. Со одбивањето на понудата за покачување на платите од 10 % СОНК реши да продолжи со уцени кои се единствено на штета на образованието на учениците и им го отежнува секојдневието на родителите - се вели во соопштението до јавноста.
Зошто СОНК смета дека покачувањето на платите од 2.500 денари е малку? Ова едноставно не може да се смета за разумен став, туку за очигледен притисок, со што е евидентно дека СОНК ги става личните интереси пред оние на децата, вели премиерот Ковачевски.
Владата прави сериозни напори за да се избори со кризата, да ги амортизира поскапувањата и да обезбеди достоинствен живот за нашите граѓани, пред сѐ, за најранливите. И во вакви тешки услови на светска криза, ние сме веројатно единствената Влада која овозможи историско зголемување на платите и пензиите и силно финансиски ги поддржа граѓаните, оценува тој.
Од 2017 година до денес платите во образованието ги покачивме за 21 %. Со овие дополнителни 10 % тоа би биле 31 % покачување кои за СОНК во услови на светска економска криза не се доволно. За споредба, за пет години од 2011 до 2016 година платите во образованието беа покачени за само 4 %.