X
 13.05.2018 Култура

Ете каков Драмски треба да биде!

Совршен текст, тема убиствено актуелна, актери - кој од кој подобар, режисер кој знае што прави – е тоа му се случи на Драмски театар синоќа. Се случи премиерата на претставата „Странци“ во режија на Нела Витошевиќ, инспирирана од филмот „Совршени странци“ на Паоло Џеновезе, а по драматургија на Викторија Ранелова. Експлозија од реакции, препознавања, олицетворенија и триста прашалници од темата – што правиме со самите себе и со нашите блиски? До каде ја распродаваме нашата приватност за моменти слава и до каде нè доведува општата виртуелна достапност – ако не подалеку од нас самите и од саканите!



На Драмски му треба револуција, и тоа ваква – ова е пораката што лебдеше во воздухот на премиерната изведба. Му требаат современи текстови, ангажирање млади провокативни режисери (се разбира и веќе докажани), има актери на кои може да се потпре, а секогаш може да внесе нова сила. Тоа е театар кој не може да прави технички чуда оти е стар и е во „привремена“ градба повеќе од 50 години. Но, може повторно да биде театарот кој провоцира и театарот кој публиката го сака. Театарот секако провоцира, ама најдобро е кога тоа ќе биде на задоволство на публиката, а не да провоцира револт. Време е да се излезе од филозофијата дека некои луѓе мора да режираат постојано (иако веќе не се во формата во која некогаш биле), дека некои актери мора да играат постојано (иако не се најдобрите), дека историските теми мора по секоја цена да ги има на сцена (и од нив на публиката веќе да ѝ е смачено да доаѓа во театар).



Нела Витошевиќ ѝ припаѓа на една генерација (веќе не толку многу млади режисери) што гласно и јасно сака да зборува на сцена. Режисерка која уште со своите први претстави на повеќе сцени во земјава ни навести дека на неа ќе треба да сметаме. И сега, доаѓа малку чудно што дури по 11 години истата таа режисерка повторно режира во Драмски. Освен што внимателно избира текстови, таа има изградено одличен осет за избор на актерите. Ирена Ристиќ, Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Игор Ангелов, Зоран Љутков, Филип Трајковиќ, Предраг Павловски, Сања Арсова – синоќа сите дишеа во еден здив. Колку само се чувствува кога на актерот му е комотно на сцена и кога не мора само да реализира нешто што режисер му кажал.



Театарот е уметност на моментот, љубов на повеќе уметници сместени на сцена, кои во еден момент и на едно место треба да направат фузија со публиката. Таа купила карта, дошла во театар и сака да доживее врвно уметничко дело. И луѓето од театарот се должни тоа да ѝ го дадат!

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура