X
 23.02.2018 Живот

Принудна стерилизација - животните приказни на Ромките во Чешка

Елена, 47-годишна социјална работничка, била стерилизирана против своја волја. Таа е една од четирите Ромки во Чешка што се жртви на недоброволна стерилизација и ја раскажуваат својата приказна во театарската претстава наречена „Приказни што никогаш не започнаа“. Премиерата на претставата беше минатиот месец во Острава, град во Чешка во кој има голема ромска популација.

фотоизвор: Al Jazeera

Систематското стерилизирање на Ромките без нивна дозвола била државна политика во поранешната Чехословачка, за време на комунизмот. Била укината во 1993 година, но според Европскиот центар за права на Ромите, таа политика продолжила и во 90-тите и по 2000 година, а последниот познат случај се реализирал во 2007.

Повеќе од 10 години Елена е активна во групата жени Ромки кои овој проблем го истакнуваат и го додаваат во политичкиот распоред. Тие успешно се борат против присилната стерилизација во Чешка. Бараат финансиска компензација за она што им го сториле, но истакнуваат дека не се работи само за парите, туку и за признавање на неправдата и кршењето на нивните права.

Во 2009 година чешката влада изрази жалење поради нелегалните стерилизации. Но, последнава година го одби законот кој предлагаше компензација за жртвите. Тогаш Елена и другите активистки одлучиле да најдат нов начин за да го свртат вниманието кон нивната цел. Резултат на сето тоа е нивната претстава, преку која ја изразуваат својата фрустрација и се обидуваат да стигнат до пошироката маса.

Претставата се состои од сцени во кои жените се интервјуирани од некој што ја игра улогата на новинар, па ги осветлуваат различните начини на кои биле принудени на стерилизација. Некои од нив биле погрешно информирани од социјални работници, кои им пренесувале дека сите жени од таа заедница треба да бидат стерилизирани. По породување, на некои од нив им биле дадени документи кои во болка и полусвесност ги потпишале, а потоа под анестезија над нив е извршена стерилизација.

Многу од жртвите што биле стерилизирани не само што ја изгубиле плодноста туку ги изгубиле и своите сопрузи. Тие кога дознале за стерилизацијата, во поголемиот број случаи ги оставиле сопругите. Жените успеале да организираат и демонстрација пред болницата во Острава и да реализираат низа состаноци со младите жени Ромки за да ги информираат за нивните права и сето она што се случува.

Активистките го проценуваат бројот на стерилизирани жени на неколку стотици. Освен Ромки, тука се вбројуваат и жени со некакви нарушувања и недостатоци, како и жени од понизок општествен статус.

Елена вели дека и понатаму ќе продолжи со борбата.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот