13.05.2024
Живот
В среда отворен ден во СУГС „Лазар Танев“
На отворениот ден се поканети деветтоодделенци од повеќе основни училишта, со нивните родители и наставници, кои ќе се запознаат со процесот на одвивање на наставата и практичната работа на учениците, односно подготовката на вкусни јадења, сервирање и послужување
Средното угостителско училиште на Град Скопје, „Лазар Танев“, в среда, во 17 часот, организира „Отворен ден“ богат со разновидни активности, во кој ќе бидат вклучени сите наставници и ученици и ќе го дадат својот придонес во презентација на училиштето.
На настанот се предвидени: посета и презентација на компании од реалниот сектор, поддржувачи и соработници, партнери на училиштето, кои на различни начини овозможуваат практична примена и збогатување на знаењата и вештините на учениците преку феријална пракса и организација и реализација на разни манифестации. Нивните штандови ќе бидат изложени во спортската сала, а гостите ќе можат поблиску да се запознаат со производите и услугите што ги нудат.
- На отворениот ден се поканети и деветтоодделенци од повеќе основни училишта, со нивните родители и наставници, кои ќе присуствуваат на отворени часови и ќе се запознаат со процесот на одвивање на наставата и практичната работа на учениците, односно подготовката на вкусни јадења, сервирање и послужување. Тоа ќе биде заокружување на една соработка која се реализира во текот на целата година, преку работилници за деветтоодделенците, кои имаат интерес и љубов за подготовка на храна и можност да се запознаат поблиску со начинот на работа на часовите и да стекнат практични искуства и знаења од наставниците и средношколците. Настанот ќе биде збогатен и со кратка пригодна програма, односно свечено обраќање на директорот на училиштето, културно-уметнички дел и доделување сертификати за постигнатите успеси во текот на годината - ни сподели Дејан Христовски, кој е дел од наставниот кадар во СУГС „Лазар Танев“.
Овој „Отворен ден“ е дел од континуираниот процес на промоција на резултатите од работата, но и на постојаните заложби за одржување и развој на квалитетот на услугите, стручноста и професионалноста, но и соработката со пошироката заедница.
- „Лазар Танев“, најголемото средно стручно училиште во земјава, нуди одлично образование и практично усовршување на стручни кадри и врвни професионалци за најбараните професии: келнер, готвач, слаткар, пекар и месар, хотелско-туристички техничар и техничар за настани и анимации, кои гарантираат брзо вработување, одлична заработка, можност за развој и напредок и сигурна иднина! Повелете на Отворен ден, в среда во 17 ч. во Угостителско - поканува Дејан Христовски.
Подготвил: С.Ј.