Министерството за образование и наука соопшти дека со финансиска поддршка од ИПА фондовите на Европската Унија е изработен нов интегриран систем за електронска работа на училиштата, кој вклучува и нов електронски дневник, што официјално ќе се примени во текот на новата учебна 2024/2025 година, откако претходно ќе го помине тест-периодот во неколку основни и средни училишта.
- Првичните проверки се веќе спроведени во координација на Министерството за образование и наука со Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар и со наставници од училиштата. Организирани се и обуки за ИТ-администратори во училиштата каде што електронскиот дневник ќе пилотира и интегрирање на евентуални нови сугестии. Откако целосно ќе заврши фазата на тестирање, ќе следува процес на мигрирање на податоците од сегашниот во новиот електронски дневник, но и внесување дополнителни податоци во софтверот од страна на училиштата. Предвидено е да се организираат обуки за користење за сите наставници - стои во соопштението.
Од МОН тврдат дека новото софтверско решение ќе ги надмине предизвиците со кои наставниците, администраторите, родителите/старателите и самите ученици ги посочуваа во изминатиот период, бидејќи сите нивни сугестии биле земени предвид во процесот на креирање на системот.
Од Министерството, исто така, изразуваат благодарност до сите чинители во процесот на креирање на новиот интегриран систем за електронска работа на училиштата, а особено до Европската Унија, која обезбедила финансиска и логистичка поддршка во овој процес и која континуирано ги поддржува напорите за дигитализација и модернизација на образованието во Македонија.
Фото: Freepik