За многумина, „Игра со лигни“ беше серија што ги воведе во светот на јужнокорејската продукција, а
„Хелбаунд“ само го засили нивното мислење дека оваа продукција треба подетално да се истражува.
Како и да е, корејските серии се глобален феномен веќе некое време, не само поради квалитетот на продукцијата, туку и поради често невообичаените заплети, неочекувани пресврти, понекогаш претерана сентименталност и неверојатната леснотија да бидете вовлечени во серијата и да не ја оставите додека не ги изгледате сите епизоди.
„Сладок дом“ (Sweet Home)
Хјун е средношколец и осаменик кој го загуби своето семејство во
трагична несреќа. Откако ќе го напушти својот дом, тој мора да се соочи
со нова реалност - чудовишта кои се обидуваат да го уништат човештвото.
Неговата мисија е да победи во трката со времето и да го спаси она што останало од човечката раса пред да стане предоцна.
„Во ред е да не се биде во ред“ (I'ts Okay to Not Be Okay)
Ова е приказна за Мун Ганг-тае, вработен во психијатриската институција, и
авторката на детски книги Ку Мун-јанг. Ганг-тае поминал голем дел од
својот живот грижејќи се за својот постар брат, кој е аутист и страда од
кошмари откако нивната мајка била убиена. Мун-јанг е тешка и
непријателски настроена, но нивните животи се испреплетуваат и набрзо
дознаваат дека имаат многу повеќе заедничко отколку што првично мислеа.
„Странци од пеколот“ (Strangers From Hell)
Ако барате морничава серија, оваа е вистинската за вас. Случувањето следи млад човек кој се пресели во градот и наоѓа сместување во евтина зграда каде што има намера да остане додека не се среди неговата финансиска состојба. Но, тој почнува да забележува необични настани. Еден од неговите соседи е стоматолог кој навечер станува сериски убиец, а тоа е само почеток на оваа приказна.
„Кралот: Вечниот монарх“ (Тhe King: Eternal Monarch)
Ако сте во потрага по бизарна сапуница, ова е нешто што треба да го погледнете бидејќи има сѐ: паралелни светови, патување низ времето, убав крал, самоуверен детектив, трагедија и романса.
„Вагабонд“ (Vagabond)
Исклучително заразен трилер за каскадер кој се обидува да реши сомнителна авионска несреќа во која умира неговиот внук, а тоа го доведува во контакт со агент кој работи тајно во корејската амбасада во Мароко и исто така сака да открие кој стои зад несреќата. Ова ги води до откритие кое е многу помрачно отколку што очекувале.
„Сигнал“ (Signal)
Пред 15 години една девојка била киднапирана додека се враќала од училиште. Во тоа време Хае-Јонг парк бил ученик и сведок на киднапирањето. Неколку дена подоцна девојчето е пронајдено мртво, но полицијата не успева да му влезе во трага на убиецот. Петнаесет години подоцна, Хае-Јонг работи како полицаец, а еден ден се среќава со мистериозно воки-токи што му овозможува да стапи во контакт со детектив кој води случај во минатото. Нивната мисија станува да решаваат нерешени случаи.
„Кралство“ (Kingdom)
Ова е првата јужнокорејска серија што ја продуцира „Нетфликс“, а оцените се главно позитивни и многу лесно ќе ве вовлечат во приказната. Она што е малку потешко е да го ставите во одреден жанр. Од една страна, тоа е политичка историска драма, а од друга, класична борба против зомбиња. Како и да е, нешто што не смее да се пропушти.
„Цвет на злото“ (Flower of Evil)
Една од подобро оценетите серии на листата е за човек кој се обидува да го скрие своето проблематично минато и го менува својот идентитет. Но, истовремено, неговата сопруга, детектив, почнува да истражува низа необјаснети убиства и се соочува со фактот дека нејзиниот навидум совршен сопруг крие мрачна тајна.
„Странец“ (Stranger)
Хванг Ши-мок е истражувач кој страда од пречувствителност на одредени звуци, а по проблематичната операција во детството за малку ќе го изгубел чувството за емпатија. Истражувајќи го невообичаеното убиство, тој се среќава со полицаецот Хан Јео-џин, кој му помага во истрагата. Тие се соочуваат со проблеми бидејќи некој од врвот се обидува да ја попречи нивната истрага.
„Њујорк тајмс“ ја прогласи серијата за една од најдобрите во 2017 година, а „Нетфликс“ плати по 200.000 долари за епизода.
Фото: Screenshot/YouTube