X
 14.01.2021 Наша тема

Леонида и Дарио - брат и сестра прваци во јавање. Јавањето им е како миење заби наутро

Задржувањето на шампионските титули е големо оптоварување кое мора да биде поткрепено со редовни тренинзи. Потешко е кога си првак бидејќи притисокот да го задржиш првото место е многу поголем отколку да атакуваш на првото место, вели Дарио


Леонида и Дарио Гроздановски се брат и сестра - државни шампиони во јавање коњи. Велат дека јавањето коњи е во нивните корени и семејна традиција. Па оттука и тие се навлекле на овој спорт. Нонстоп тренираат. Без пауза. Јавањето е дел од нивното секојдневие.
Велат дека пандемијава воопшто нема удел во овој спорт. Според СЗО, овој спорт се смета за најбезбеден, па тие непречено тренираат периодов.

Семејна традиција

- Потекнуваме од фамилија која се занимавала со одгледување коњи, како и родители кои биле активни спортисти. Нашиот прадедо бил во Титовата коњичка гарда, а другиот прадедо бил одгледувач на коњи, па на моменти имал и по 30 грла. Нашата баба исто така беше одгледувач на спортски коњи. А нашиот татко Слободан Гроздановски е единствениот Македонец што бил избран во репрезентацијата на Југославија и освоил трето место во Југословенското првенство, како во поединечен така и во екипен пласман. А неколку пати бил првак на Македонија. Нашата мајка исто така била и сѐ уште е активна во коњичкиот спорт и освојувач на шампионската титула во државата. Така што, јавањето коњи е дел од нашата семејна традиција - ни споделија Леонида и Дарио.



Со упорни и секојдневни тренинзи се стигнува до титула

Дарио има 19 години и е освојувач на шампионските титули уште од 2013 година. Тој е државен првак за 2013, 2014, 2015 - категорија деца и 2016, 2017, 2018, 2019 - категорија јуниори, а во 2020 година - државен првак во класа сениори. Победник е на неколку меѓународни турнири и учесник на Балканскиот шампионат во 2015 во категорија деца, а во 2017 година во категорија јуниори.
Додека Леонида прв натпревар имала на Меѓународен турнир во Бугарија, на 10-годишна возраст, и освоила едно прво, едно второ и едно трето место. Истата година учествувала и на меѓународен турнир во Албанија, каде што освоила прво место. Државен првак е за 2016, 2017, 2019 во категорија деца и за 2020 во категорија јуниори. Учесник е на балканските шампионати во 2018 и 2019 година во категорија деца. Во 2019 година била квалификувана и за Европското првенство во Холандија, но поради финансиски проблеми, не учествувала.



- Задржувањето на шампионските титули е големо оптоварување кое мора да биде поткрепено со редовни тренинзи. Потешко е кога си првак бидејќи притисокот да го задржиш првото место е многу поголем отколку да атакуваш на првото место. За мене, јавањето претставува начин на живот. Нешто што ти е секојдневие, како миење заби наутро. Воедно, претставува задоволство кое ме исполнува и ме радува. Секој коњ ми е омилен, секој од нив има свој карактер и душа. Нормално, најмногу се разбирам со првиот коњ кој ми е за натпревари, со Парадисо Силвано - вели Дарио.

Тој вели дека со упорни и секојдневни тренинзи се стигнува до успех.

- Во спортот 10% е талент, а 90% е работа и тренирање. Ние тоа го исполнуваме во целост. Само така се победува конкуренцијата, која многу ја почитувам бидејќи ако не е таа, мојот мотив не би бил толку голем - додава Дарио.




Леонида бара коњи и на годишен одмор

Леонида вели дека за својот прв турнир и освојувањата не била свесна што се случува.

- Едноставно не можев да се израдувам, се прашував што се случува, зошто по секој мој настап ме повикуваат на пиедесталот. Имав само 10 години, а освоив едно прво, едно второ и едно трето место. Во три најразлични натпреварувања на меѓународен турнир во кој учествуваа 5 држави и имаше 132 натпреварувачи. Не бев подготвена за толку голем успех. Освојувањето на шампионските титули во домашното првенство ми претставува големо задоволство. Најдраго ми е Државното првенство. За мене, јавањето е како дишење, нешто без кое не можам да функционирам. Составен дел на мојот живот. И кога одам на годишен одмор, барам коњички клубови во околина, и таму одам да јавам. Во нашата штала имаме 17 грла, ги сакам сите коњи. Со Делано Лева сме тим веќе 3 години и со него најмногу се дружам, секојдневно сме на тренинг - ни раскажа Леонида, која има 15 години.

Вели дека конкуренцијата ја чувствува пријател.
- Без неа мојот успех не би бил ваков. Добро е да имаш квалитетна конкуренција, таа ми дава сила да тренирам и да работам за да постигнам успех - вели Леонида.



Учат еден од друг

На прашањето колку тие двајцата си помагаат во тренинзи, тактики, разменување искуства и совети, Леонида вели дека многу ги почитува советите од својот постар брат Дарио.

- Имаме соработка и разменуваме мислења и тактики. Драго ми е што Леонида е толку успешна и што не се срами да побара совет. Кога работиш со коњи, 2 и 2 не се секогаш 4. Има многу непознати во тој наш однос. Некогаш на коњот не му е денот. Јас го имам доживеано тоа многу пати. Тоа искуство ѝ го имам пренесено и на Леонида, кога била разочарана и кога имала лош тренинг или лош ден на натпревар. Коњот е како животот, имаш подеми и падови, падовите некогаш се болни, но се креваш и продолжуваш, сепак, работиме со живи суштества - споделува Дарио.
Тој додава дека следно што би сакал е да се натпреварува во повисоки рангови на меѓународен план.
- Балкански шампионат во категорија сениори, каде што Македонија немала учесник досега, ако не го сметаме Лука Заложник натурализираниот Македонец, или можеби Европски шампионат - вели Дарио.
За Леонида, следен е Балканскиот шампионат во категорија јуниори.
- Би сакала Европско првенство, еднаш не отидов поради финансиски проблеми, се надевам дека ќе остварам повторно квалификации за следно Европско првенство и дека ќе бидеме во можност да отидеме - сподели Леонида.



Доминацијата е најбитна

Дарио им го препорачува овој спорт на сите.
- Во овој спорт нема ограничување на возраста. Еден од најдобрите светски јавачи, кој е во топ-10 на светската листа, има 68 години, така што тоа е доказ дека возраста не е битна. Коњичкиот спорт го менува карактерот на една личност. Доминацијата е основа за занимавање со овој спорт. Јавачот мора да воспостави доминација над коњот и да владее со него. Сум имал можност да видам како личности со попустлив карактер се менуваат по одреден период во силни и доминантни личности. Го препорачувам за најмладите, од 5 години нагоре, бидејќи кога дете ќе почувствува дека може да владее со суштество од 500-600 килограми, кое е 30 пати посилно од него, тоа претставува револуција во неговата психа - вели Дарио.
Дарио и Леонида во слободното време, кога не се на факултет и на училиште, јаваат коњи и се грижат за нив.


Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема