Коњите стануваат сѐ потешки поради климатските промени, тврди Гилис Мофат, раководител на ветеринарната служба „Сидаун“ од Хајт, Велика Британија, и објаснува дека тоа се случува поради сè потоплата и повлажна клима, поради која има изобилство од трева, што им овозможува на коњите консумација во поголеми количини отколку што им е потребно.
Ветеринарот истакнува дека меѓу пациентите има сè повеќе коњи што ги лекува поради прекумерна тежина токму поради споменатиот проблем. Додава дека проблемот делумно е и одраз на социо-економскиот
притисок.
- Имено, сопствениците на коњи работат подолго и сè потешко им е редовно да ги вежбаат коњите. Истовремено сè потоплата и повлажна клима значи и достапност на поголема количина трева. На сопствениците им е тешко да ја препознаат важноста на квалитетот и квантитетот на храната за нивните коњи во борбата за одржување на тежината на нивните миленици - вели Мофат.
Неговите изјави следуваат откако Британското здружение за коњи БЕВА утврди дека од 792 прегледани животни 31 отсто имаат вишок килограми. Ветеринарите ги наоѓаат причините во недостигот на објекти како коњушници и заградени пасишта.
Во извештајот се предлага сопствениците да се борат против овој проблем со издигање огради каде што е можно, како и со следење на количината храна што ја внесуваат
животните.
Минатата година ветеринарот Џо Мекиндер за списанието „Хорс енд Хаунд“ истакна дека забележал оти коњите што ги лекувал се сè подебели. Додаде и дека кај многу такви коњи се развива состојба наречена Laminitis. Станува збор за воспаление на ткивата што го поврзуваат ѕидот на копитото со коската на копитото, што може да биде исклучително болно.
Дејвид Рендл, ветеринар од БЕВА, вели дека дури 50 отсто од коњите во Велика Британија се со прекумерна тежина или дебели.