X
 14.03.2022 Култура

Филм за Украина што сите треба да го гледаат, „Нетфликс“ го објави на „Јутјуб“

Во знак на поддршка на украинскиот народ, „Нетфликс“ го објави својот документарен филм „Зима на оган: Борбата на Украина за слобода“ (англ.Winter on Fire: Ukraine's Fight for Freedom) на „Јутјуб“, така што секој може бесплатно да го гледа.

Овој документарен филм дебитира на „Нетфликс“ во 2015 година и доби доста добри критики од критичарите. Беше номиниран за „Оскар“ и „Еми“, а ја освои и наградата за најдобар документарен филм на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто.

Филмот дава увид во украинската политика и подготвеноста на украинскиот народ да се бори за своите верувања, а сега е повторно актуелен по руската инвазија. Статистиката на „Јутјуб“ покажува дека 98-минутниот документарец имал повеќе од 250.000 прегледи за помалку од 24 часа откако „Нетфликс“ го објавил.

Документарецот трае 98 минути, а режисер е Евгениј Афинеевски. Во соработка со „Нетфликс“, филмот го продуцираа Украина, САД и Обединетото Кралство.

Документарецот ја прикажува полициската бруталност и кршењето на човековите права низ кои поминал народот на Украина во 2014 година, па дури и филмската екипа имала тешкотии да снима во тие околности.

Филмот покажува како во 93 дена граѓанскиот бунт познат како Мајданска револуција се претвори во серија на насилства и уништување. Протестот беше насочен против Владата на претседателот Виктор Јанукович, кој одби да потпише договор за политичко здружување и слободна трговија со Европската Унија. Наместо тоа, тој се поврза со Русија и Евроазиската економска унија, и покрај проевропската ориентација на украинската Влада. При судирот меѓу Беркут (специјална полиција) и демонстрантите имаше неколку смртни случаи.

„Нетфликс“, исто така, одлучи да не го почитува рускиот закон, кој бара да емитува 20 медиумски канали финансирани од државата поради загриженоста дека платформата ќе се користи за ширење дезинформации.



Извор: Index.hr
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура