X
 14.03.2023 Култура

Зошто филм за трансхуманизмот освои 7 „Оскари“?

Научнофантастичната комедија „Сѐ секаде, одеднаш“ на режисерското дуо Ден Кван и Даниел Шајнерт беше апсолутен победник на 95. издание на „Оскарите“, победувајќи во 7 категории од вкупно 11 номинации.

Освен тоа, филмот овозможи и пишување на историја со оглед на тоа што првпат азиска актерка беше номинирана и наградена со „Оскар“ во категоријата за најдобра главна актерка.

Мишел Јео, по потекло од Малезија, стана првата Азијка на која Академијата се сети во долгата 95-годишна историја на „Оскарите“, а првпат се случи и Џејми Ли Кертис да освои златна статуетка во категоријата најдобра споредна женска улога.

Филмот доби „Оскар“ и за сценарио, а „Оскар“ доби и актерот Ке Хуј Куан, кој одамна пристигнал во Америка со брод како имигрант, остварувајќи го американскиот сон.

Насловот што на „Оскарите“ беше изговорен најмногу пати навистина најдобро опишува што се случува во кинеско-американскиот филм. „Сѐ секаде, одеднаш“ можеби подобро би звучел ако би бил насловен „Дај ми сѐ сега и веднаш“.

Виршли наместо прсти, да бидеш кој сакаш, во една реалност си глумица, во друга се бориш како Џеки Чен и други бизарни сцени се само мал дел од приказната од мултиверзумот овозможен со прекрасна апликација.

2
Фото: Screenshot/YouTube

Три целини

Дејството е поделено на три дела, чии наслови заедно го создаваат името на филмот. Нефункционално семејство на кинески имигранти води пералница во Америка. Евелин Куан Ванг, нејзиниот сопруг и ќерката Џој живеат во хаотично секојдневие исполнето со незадоволни клиенти, барања од таткото на Евелин кој има деменција и ќерка која излегува дека е лезбијка.

Еден ден, семејството оди во даночна канцеларија, каде што вредната и наградувана службеничка Деирдре Бобеирдре (Џејми Ли Кертис) открива дека Евелин купила караоке-машина и незаконски ја пријавила како деловен трошок. Разговорот се одвива во новооткриената можност со која ја запознава нејзиниот сопруг: дека со помош на апликација и слушалки може да патува низ метаверзуми каде што може да биде мајка, актерка и воин.

2
Фото: Screenshot/YouTube

Тука доаѓа до конфликт со даночната службеничка, па приказната води до заплет од незамисливи размери. Алтернативните реалности се мешаа како да се во барабан за машина за перење, при што циклусот на центрифугирање е поставен на 1.000 вртежи. Ликовите се движат од една во друга реалност, наидувајќи на различни верзии на нивните личности. Главниот лик дознава дека е добар во сè што прави во алтернативните метаверзуми, токму затоа што е толку лош во сè што прави во реалниот живот.

Улогата на мајката во капиталистичкото општество

Филмот на IMDb има оцена 8,0 и забележителен резултат на киноблагајните. Големиот успех на филмот лежи во фактот што неговата приказна, под превезот на разбудена агенда, зборува за семејството, американскиот сон и улогата на мајката во капиталистичкото општество. Жените денес жонглираат со работата, семејните обврски и мајчинството, така што потребна им е супермоќ за да продолжат.

„Сѐ секаде, одеднаш“ е незаборавно филмско искуство кое долго ќе го паметите откако ќе ја видите оваа приказна и начинот на кој  е реализирана. Филмот е забавен, возбудлив и духовит, а во него има актуелен филозофски момент кој го доведува во прашање нашиот однос кон модерните технологии и метаверзумот. Значи филмот има „сè на едно место“.



Извор: Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура