X
 31.08.2023 Култура

Украинските градови ги отстрануваат симболите и културните споменици од советската ера

Харков е еден од градовите во Украина што ги елиминираат трагите од советското минато на земјата со отстранување на руската уметност, симболи, книги и јазик.

Малку градови во Украина вложуваат толку напори како Харков, град со традиција на руски јазик, да го избришат своето минато.

Стотици улици со советски имиња се преименувани, десетици споменици се урнати и безброј книги напишани на украински ги замениja руските на полиците.

- Овие книги имаат терапевтски ефект врз луѓето. Се чини дека човекот добива одредена заштита читајќи дека всушност постои украинска култура, постои украинска уметност, постои држава Украина, а меѓу Украинците има извонредни уметници, сликари, архитекти, скулптори и јавни личности. Сето ова е за нас, за стекнување на нашиот идентитет. Затоа луѓето ги купуваат овие книги - објаснува историчарот и издавач на книги Олександр Савчук.

Целосната руска инвазија поттикна многу граѓани да се свртат кон украинскиот јазик.

- На почетокот на инвазијата, кога ќе кажев нешто на руски, чувствував непријатен вкус во устата, како да сум јадела нешто скапано - вели Микола Коломиец, уметник и учител.

Наталија Денисова е уметнички директор и креатор на кукли во Државниот академски куклен театар во Харков. Таа признава дека по 18 месеци војна, тешко е да се одржи мирна дебата за употребата на јазикот на напаѓачот, но таа не е за негово бришење.

- Луѓето живееле со овој јазик. Понекогаш бил силно наметнат. Се случувало, сакајќи или несакајќи, луѓето главно зборувале руски. И ако речеме дека тоа се случило насилно, дека рускиот јазик бил принуден да се користи тука, се сомневам дека и ние треба да употребиме сила. Тогаш нема да се разликуваме едни од други - вели таа.

Поттикната од руските бомби и од украинските власти, војната го забрза процесот на дерусификација што започна по падот на Советскиот Сојуз.


Извор: Euronews.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура