Филмовите од франшизи со години доминираат во Холивуд, но во последните месеци тешко може да се игнорираат резултатите на оригиналните идеи.
Една недела откако филмовите „Една битка по друга“, „Грешници“ и „К-поп: Ловци на демони“ триумфираа на доделувањето на „Оскарите“, „Проект: Очаен обид“ на Фил Лорд и Крис Милер го забележа најголемиот викенд на отворање за филм што не е дел од франшиза уште од „Опенхајмер“.
Во првите три месеци од 2026 година двата најголеми хитови во кината се токму овој филм и оригиналниот наслов на „Пиксар“, „Хоперс“.
Сите тие успеси дојдоа со огромни трошоци. „Проект: Очаен обид“, снимен според истоимениот бестселер на Енди Веир, чинел речиси 200 милиони долари. Но, дебитантскиот викенд од 80,5 милиони долари ја оправда големата инвестиција на „Амазон МГМ студиос“ и му го донесе на студиото најголемиот хит досега.
- Вложија огромни пари и тоа ќе им се исплати. Одлично е да се наградат луѓето што се охрабрија да ризикуваат - изјавија Фил Лорд и Крис Милер.
Во главната улога е еден од најомилените актери денес, Рајан Гослинг. Изворниот материјал, романот на Вир, има армија обожаватели. Филмот се потпира на истиот научнофантастичен шарм како и „Марсовецот“ од 2015 година, кој исто така е снимен според книга на Вир и беше номиниран за „Оскар“ за најдобар филм. Лорд и Милер одамна имаат репутација на креатори кои успеваат и кај публиката и кај критиката.
Но, неодамнешната низа на успеси на оригинални филмови, и на „Оскарите“ и во кината, покажува дека публиката сè повеќе бара нешто поразлично.
- Луѓето одат во кино за да доживеат ново искуство. Не одат да гледаат нешто што веќе го виделе. Оригиналноста има вредност, особено затоа што вештачката интелигенција сè повеќе влегува во игра. Вредноста што ние како филмаџии можеме да ја донесеме е да создадеме нешто што не може да биде ВИ, бидејќи за тоа претходно никој не ни размислувал - вели Крис Милер.
Филмовите од франшизи не исчезнаа. Несомнено и понатаму ќе доминираат во кината во остатокот од годината, почнувајќи од „Супер Марио, галакси филм“ на „Јуниверсал пикчр“ следниот месец, а потоа и долгоочекуваните наслови како „Приказна за играчките 5“ и „Дина: Трет ден“ како и новиот филм за „Спајдермен“.
Извор:
Klix.ba
Фото: Screenshot/YouTube