Природата е сурова, но со текот на времето животните можат да еволуираат и да се адаптираат на таа суровост со вчудовидувачки методи.
Научниците открија претходно непознат визуелен систем кој може да овозможува гледање во боја во длабоките и темни води (околу 200 до 1.500 метри под нивото на морето), каде што се претпоставуваше дека животните не можат да гледаат во боја. Откритието принудува на повторно разгледување на подводните животни што живеат без сончева светлина.
- Ова е првиот труд во кој се испитува различен сет на риби и се утврдува колку разновидни и променливи можат да бидат нивните системи за вид - вели Карен Карлтон, професорка по биологија на Универзитетот во Мериленд и коавтор на студијата.
На 'рбетниците, како и на луѓето, потребни им се два вида фоторецепторни клетки за да гледаат, а тие се познати како стапчиња и чунчиња. Стапчињата и чунчињата работат на сличен начин - и двата вида клетки содржат заплеткани пигменти чувствителни на светлина познати како опсини. Опсините примаат одредени бранови должини на светлина и ги конвертираат во електрохемиски сигнали. Мозокот ги интерпретира тие сигнали како бои.
Генерално е прифатено дека кај 'рбетниците чунчињата се одговорни за гледањето во боја, а стапчињата за детектирање на светлина во матни услови. Но, оваа нова студија на 101 риба покажува дека има разлики во тоа како се користат стапчињата. Некои од рибите содржеле повеќе опсини-стапчиња, сугерирајќи дека тие може да имаат вид во боја заснован на стапчиња.
Забележително е тоа што рибата Diretmus argenteus има 38 стапчести опсински гени. Ниедна позната риба нема толку оспини во нејзините чунчиња и тоа е најголемиот број на опсини најдени во некој 'рбетник. Колку за споредба, луѓето имаат само четири опсини.
- Ова беше многу изненадувачко. Значи дека овие риби имаат различни способности за вид од она што го мислевме ние. Па прашањето е за што е добро тоа? За што би можеле овие риби да ги користат овие спектрално различни опсини - прашува Карлтон.
Никој не знае за сигурно, но Карлтон се сомнева дека може да е поврзано со ловењето. Видот е многу важен во местото каде што нема
светлина.