X
 17.01.2021 Наука

Анализа на ДНК открива детали за изумрен вид волк, инспирација за стравоволците во „Игра на троновите“

Изумрен вид волк, кој служел како инспирација за митско суштество во популарната серија „Игра на троновите“, немал многу заеднички карактеристики со сивите волци што живеат денес во Северна Америка, открива ново истражување.

Познато како „Canid dirus“, што во превод значи „страшно куче“, се сметало дека стравоволкот (како што беше наречен во „Игра на троновите“) бил посилна верзија на сивиот волк. Но, новото истражување објавено во списанието „Нејчр“ открива колку биле различни.

Праисториските месојадци живееле во Северна Америка до нивното изумирање, пред околу 13.000 години. Фосилите на стравоволците се меѓу најнаоѓаните во Лос Анџелес.

- Досега се сметаше дека сивите волци и стравоволците биле поврзани, како сестри или братучеди, а можеби и станува збор за истото животно - вели главната авторка на истражувањето, Ангела Пери, археолог на Универзитетот „Дурам“ во Велика Британија.

- Цели 150 години сметавме дека тоа е така бидејќи на тоа посочуваа сличностите во нивните скелети. Сега генетиката открива дека тие биле поврзани, но се разделиле пред околу 6 милиони години - додава Пери.

Првпат експертите секвенционирале ДНК од пет фосили на стравоволци, пронајдени во Вајоминг, Ајдахо, Охајо и Тенеси. Тие датираат од пред повеќе од 50.000 години.

Анализата покажала дека за разлика од многу видови слични на кучињата кои мигрирале помеѓу Северна Америка и Евроазија со текот на времето, стравоволците милиони години се развивале единствено во Северна Америка.

1
Стравоволкот прикажан во серијата „Игра на троновите“
Фото: Screenshot/YouTube

Големата дивергенција на животни од сивите волци ги става во сосема поинаков род, велат истражувачите.

- Ова е изненадувачки затоа што долго време сметавме дека тие се тесно поврзани. Нивните скелети и заби се многу слични - јасно е дека станува збор за конвергентна еволуција. Исто така, дознавме дека биле толку генски различни едни од други, што не постојат докази дека можеле да се мешаат и да создаваат потомство - додава Пери.

Стравовоцлите се преклопувале со којотите и сивите волци во Северна Америка околу 10.000 години пред нивното истребување, но, сепак, не постојат докази дека тие се мешале со овие видови.

Стравоволците не биле способни да се приспособат на променливите услови на крајот на ледената доба поради нивните еволутивни разлики, сметаат експертите.

Животните, исто така, биле сосема различни и од прикажаните стравоволци во серијата „Игра на троновите“. За разлика од вистинските стравоволци, „Игра на троновите“ ги прикажа како суштества со големина на мал коњ, кои се поврзуваат со најстудените средини во Вестерос. Во серијата шесте младенчиња од стравоволк беа посвоени од децата на куќата Старк, чиј знак е токму стравоволкот.

- Стравоволците се приближно 20 отсто поголеми од просечните сиви волци денес. Исто така, се чини дека биле приспособени на живот на ниски земјишта и топли средини, така што веројатно имале пократко крзно, можеби црвеникаво, и големи уши за терморегулација. Многу поразлично од огромните, крзнени сиви животни прикажани во „Игра на троновите“ - вели Пери.

Извор: Edition.cnn.com
Фото: CNN
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука