Учеството на возрасните во процесите на доживотно учење во Република Македонија изнесува 3,4 отсто, а треба да биде најмлаку 15 отсто. Поради тоа нашата земја ќе треба да вложи голем напор за подобрување на овој процент во наредниот период. Ова е еден од фактите кој укажува дека воведувањето на новата програма „Андрагогија“ на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје не само што е оправдана, туку е неопходна, вели д-р Зоран Велковски, професот на Институтот. Во интервјуто за www.fakulteti.mk тој ја објаснува новата програма, нејзините цели и предности што ги нуди за новите студенти.
Факултети.мк: Пред сѐ да го појасниме терминот „Андрагогија“. Со што се занимава, која е најсоодветната дефиниција?
- Андрагогијата претставува наука која ги проучува можностите, проблемите, методите и техниките за систематско образование и учење на возрасните. Таа е базирана на филозофијата на доживотното учење и ги обединува сите три образовни патишта: формално образование, неформално образование и информално учење. Адрагогијата спаѓа во научната област на општествени науки. Во 2006 година Собранието на Република Македонија ја донесе „Националната програма за развој на образованието во Република Македонија 2005-2015“. Како интегрален дел од Националната програмата е вклучена и „Програмата за образование на возрасните во Република Македонија во контекст на доживотното учење“ како стратешки документ. Во нејзините рамки дефинирани се целите на образовната политика во земјава, а основната цел е подеднаква можност за сите за стекнување на соодветно квалитетно образование и оспособување со знаења, вештини и компетенции. Врз основа на анализата на актуелната состојба, меѓу другото, во Програмата беа донесени и препораки за зголемување на бројот на андрагошки кадри т.е. експерти за образование на возрасни. Потребата од ваков вид на високообразовани кадри произлегува и од значењето на образованието на возрасните во нашата држава и потребата од зголемување на неговата атрактивност и квалитет. Податоците покажуваат дека голем број од населението на возраст над 15 години имаат незадоволително образовно ниво. Во услови на образовна апстиненција, брзото застарување на знаењата и брзата динамика на технолошкиот развој, долгорочната невработеност претставува сериозен проблем. Таа резултира со застарени компетенции, односно намалување на работната способност. Процентот на долгорочна невработеност е мошне повисок од просекот во земјите на Централна и Источна Европа. Потребата од преквалификација, реквалификација и континуирано образовно надградување стануваат неопходност во наредниот период, а со тоа и потребата од иницијална обука на андрагошките кадри станува уште позначајна.
Учеството на возрасните во процесите на доживотно учење во нашата држава е доста низок, 3,4 отсто, наспроти бараната одредница од 15 отсто. Поради тоа нашата земја ќе треба да вложи голем напор за подобрување на ова учество во наредниот период. Еден од главните услови за подобрување на состојбата е продукција на андрагошки кадри кои компетентно и стручно би работеле на дизајнирање, реализација и евалуација на образовната понуда. Токму поради ова, државата во Законот за образование на возрасните има предвидено обврска за секој провајдер кој работи со возрасни неговиот кадар да поседува андрагошка обука за работа со возрасни.
Факултети.мк: Станува збор за сосема нова програма во рамките на Институтот за педагогија, на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Што сѐ ќе опфаќа оваа програма?
- Целта на академските студии по андрагогија е развивање на компетенции кај студентите кои се неопходни за професионална работа во подрачјето на образованието на возрасните, како и за продолжување на образованието т.е. натамошно образование и стручно усовршување. Специфичните цели на студиската програма по андрагогија се фокусирани во развојот на компетенциите за: усвојување на научни и продлабочени знаења за основните теориски и категоријални поими и концепции во образованието на возрасните; разгледување и критичка опсервација на современите андрагошки проблеми и развојот на андрагошката наука; разбирање на возрасниот како продукт на историскиот и социо-културниот контекст и развојните можности и бариери во возрасниот период; разбирање на феноменот на образованието и учењето на возрасните, условите и начините на кои тоа се спроведува; разбирањето на процесите на образование и учење на возрасните во различни контексти, облици и ситуации; разбирање на традиционалните и современите теориски ориентации и современата практика на образование и учење на возрасните; промислен пристап во планирање, креирање и остварување на образованието и учењето на возрасните; примена и унапредување на андрагошките знаења и достигнувања во целина; промоција и развој на концептот на доживотно учење и креирање на социјален и образовен контекст за негова реализација; истражување и развивање на системот на формалното и неформалното образование и информалното учење на возрасните; примена на концепти, организации, методи и постапки во образованието на возрасните; водење и организирање на процесот на образованието на возрасните, истражувачка работа во различни подрачја на андрагошката практика и слично. Стекнатите компетенции ќе им овозможат пристап до продлабочени андрагошки студии и влез во андрагошката практика. Студентите ќе стекнат увид во теориските основи и компоненти на наставната работа со возрасни; ќе се воведат во современите текови на програмирање, реализирање и вреднување на образовната работа со возрасни. Студентите ќе стекнат компетенции за планирање, организација, реализација и евалуација на образованието на возрасните.
Факултети.мк: Што ќе придонесе оваа програма за идните студенти што ќе студираат на Институтот?
- Студентите на Институтот за педагогија сега ќе имаат можност за поголем избор во согласност со нивните интереси. Тие ќе можат да избираат меѓу студиската програма по педагогија и студиската програма по андрагогија. Високата компатибилност на двете програми ќе им овозможи на дипломираните студенти, за кус временски период и преку полагање на диференцијални предемети да можат да ги завршат двете студиски програми.
Студиската програма по Андрагогија ги задоволува критериумите и соодветствува со компетенциите на профилот андрагог во Европа и во светот. Почитувајќи ги насоките на Законот за високо образование во нашата земја, студиската програма има компатибилност со останатите студиски програми од прв циклус на студии на Европските универзитети.
Факултети.мк: Колку внимание се посветува на андрагогијата на престижните светски универзитети?
- Профилот „андрагог“ е профил во настанување. Неговата појава оди во чекор со зајакнувањето на динамичните промени во светот на науката, техниката и технологијата. Тоа е профил на модерното доба. Потребата од перманентно надградување на знаењата, стекнувањето на нови вештини и зајакнувањето на човечкиот капитал, генерално гледано, е платформата на која се гради овој профил. На универзитетите ширум светот овој профил зазема сé поголемо место. Тој може да се најде како профил Андрагог, наставник за образование на возрасни, експерт за образование на возрасни и стручно образование и обука, менаџер на човечки ресури и слично. Неговото изучување се спроведува преку редовна настава и по далечински пат. Може да се најде како профил на редовни студии, како профил на специјалистички студии, на магистерско и докторско ниво. Вклучувањето на овој профил во универзитетските студии ширум светот во последно време е зачестено и е стимулирано со образовните политики на Европа и државите во светот.
Факултети.мк: Какви можности за вработување нуди оваа програма за студентите кои ќе решат да ја посетуваат? Кои се нивните перспективи?
- Со дипломирањето на Институтот за педагогија студентите се здобиваат со звањето: дипломиран андрагог. Во дипломата се наведува и областа во која овој профил се специјализирал. Во зависност од доминацијата на изборните групи на предмети се дефинира и областа за која студентот потесно се специјализирал. Според видот на работата која ја вршат, идните андрагошките кадри можат да работат како: истражувачки работници, научно–наставни работници во високошколски установи за обука и усовршување на андрагози, научно–наставни работници во високошколски установи за за дошколување и усовршување на возрасни, наставни работници за различни занимања и квалификации (установи за образование на возрасни), воннаставни работници за различни занимања и квалификации, како менаџери на установи за образование на возрасни, водители за образование на возрасни, организатори на настава во установи за образование на возрасни, фирми и други носители на образование на возрасни, планери и програмери за образование на возрасни во фирми, комори и други носители на образование на возрасни, советници за професионално информирање, водење и насочување на возрасни, носители на развојот на човечки ресуси во компании и локална самоуправа, вршители на административни работи во образовни и истражувачки установи и слично.
Факултети.мк: Колку новите програми влијаат на растењето на една катедра или институт и колку е важно ова освежување за еден факултет?
- Не постои ниту еден европски документ за развој кој не ја вклучува компонентата на доживотното учење и создавањето на предуслови за развивање на системот на доживотно учење. Потребата од градењето на експерти во оваа област е еден од главните услови. Поради тоа, нашата реакција за акредитирање на студиска програма од областа на образованието на возрасните е навремена и потполно оправдана. Нашиот универзитет и пред сѐ, Филозофскиот факултет се првите високообразовни установи каде се негуваше и сѐ уште се негува идејата за образованието на возрасните и доживотното учење. Денес, овие напори кулминираа со воведување на првата универзитетска студиска програма за образование на возрасните. По повеќедецениско функционирање на образованието на возрасните како предмети и студиски насоки ја достигна својата промоција во независна студиска програма. Со неа, нашиот универзитет, филозофскиот факултет и Институтот за педагогија добиваат квалитет повеќе кој силно ќе придонесе за нивната афирмација во просторот на високото образование во Европа и светот.