X
 26.03.2019 Образование

Промовиран универзитетскиот учебник „Инклузивна педагогија“ на д-р Марија Ристевска

Кон крајот на минатата година во просториите на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола беше промовиран универзитетскиот учебник „Инклузивна педагогија“ од  д-р Марија Ристевска, вонреден професор на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола.

„Инклузивна педагогија“ претставува еден од првите научни текстови од областа на педагогијата кој дава објаснување и научен осврт за лицата со попреченост, како и за инклузијата и инклузивното образование на лицата со попреченост во образовниот систем.

Учебникот е наменет за идните педагози, наставници во одделенска настава и идните воспитувачи, кои поради новите трендови во инклузивното образование, во својот работен век сигурно ќе се сретнат и ќе работат со ученици со посебни образовни потреби во основните училишта или во предучилишните установи. Со читањето на учебникот сè повеќе ја согледуваме и неминовноста на еден комплетен интердисциплинарен пристап без кој инклузивното образование и инклузијата не би имале никаква смисла.

1

Се даваат и основни начела и вистински насоки како треба заедницата, образованието и системот, воопшто, да постапуваат и што да применат за подобрувањето на квалитетот на инклузивниот процес во иднина.

Се надевам дека ова научно дело ќе помогне во едукацијата и усовршувањето на студентите, идните педагози, наставници и воспитувачи, како и, воопшто, во развојот на педагошката наука и нејзините дисциплини, истакна проф. д-р Горан Ајдински, редовен професор на катедрата за дефектологија при УКИМ – Скопје,  рецензент и промотор на учебникот.

Проф. д-р Анета Баракоска, редовен професор на катедрата за педагогија при УКИМ – Скопје, исто така рецензент и промотор на учебникот, нагласи дека понудениот учебник е меѓу ретките во оваа област. Во него се третира значајно подрачје од интердисциплинарен карактер кое се осврнува на инклузијата како нова појава која треба да биде истражувана и проучувана во состав на целокупните воспитни влијанија. Изложени се клучните идеи и оправданоста за постоење на инклузивната педагогија како млада педагошка дисциплина.

2

Карактеристично за овој учебник е тоа што паралелно со наративниот текст се дадени повеќе примери и модели од инклузивна практика, кои даваат апликативна поддршка на текстот, иницираат дискусии и наставно-сознајна интеракција со студентите. Ваквата физиономија го прави интересен и привлечен, а истовремено ја потврдува заложбата на авторката да креира книга со современ педагошки дизајн кој ќе поттикнува професионален интерес и развој на вештини и компетенции кај идните наставници и воспитувачи за работа со деца со посебни образовни потреби.

Стилот на пишување и пристапот кон обработката на оваа проблематика покажуваат дека авторката комуницира со оваа проблематика и користи современа аргументација. Нивото на информираност, употребата на стручната терминологија и содржината на критичките коментари се успешно направени низ целиот текст. Со актуализираниот истражувачки потфат авторката продуцира учебник кој е создаден со цел да се сублимираат сознанија, ставови и искуства за успешно да се реализира концептот на инклузија како теорија и практика во нашето современо воспитание и образование. Овој учебник, според својата структура и намена, ќе биде од големо значење за пошироката популација на студенти кои се подготвуваат за наставници и воспитувачи. Со неговото печатење се пополни една голема празнина која со години се чувствува на подрачјето на инклузивната педагогија.

Авторката на учебникот, проф. д-р Марија Ристевска, истакнува дека предавањата по предметот Инклузивна педагогија на Педагошкиот факултет во Битола се реализираат веќе втора година. Тие се наменети за студентите од прв циклус на насоките Наставник во одделенска настава, Воспитувач, Англиски јазик и книжевност и Македонски јазик и книжевност. Студентите се многу среќни што добиваат познавања од оваа проблематика, а професорката е задоволна што по завршувањето на студиите ќе излезат спремни да се соочат со учениците со посебни образовни потреби со кои ќе се сретнат во нивната кариера.

Намерата на овој вид литература, истакнува проф. д-р Марија Ристевска, не е да го замени дефектологот, или според новите термини специјалниот едукатор и рехабилитатор, но една од целите му е да ги едуцира идните наставници и воспитувачи како да соработуваат со другите стручни лица од инклузивниот тим во училиштето. Учебникот „Инклузивна педагогија“ произлезе од потребата за основна едукација на идните наставници во одделенска настава и идните воспитувачи, бидејќи тие се оние што ќе имаат потреба од основните познавања на воспитно-образовната работа со деца со посебни образовни потреби, како и од препознавање на симптомите на секоја од состојбите, бидејќи, неретко, тие се оние што први забележуваат дека детето дека има некаква тешкотија.

Учебникот може да се најде во продажба во книжарницата на „Киро Дандаро“ во Битола и во скриптарата на Филозофски факултет – Скопје.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование