Најмалку пет нуклеарни реактори со кои управува француското електростопанство може да имаат проблеми во заварувањата во генераторите на пареа.
Од државното електростопанство (ЕДФ) соопштија дека утврдиле проблематични места во заварувањата во парогенераторите на одредени реактори. Станува збор за делови од нуклеарните реактори кои преземаат топлина од системот за ладење на јадрото и ја користат за производство на пареа. Пареата ги придвижува турбината и генераторот, кој произведува електрична енергија.
- Проблемот е забележан во најмалку пет нуклеарни реактори. ЕДФ предложи точниот број на реактори во кои се забележани проблеми да биде објавен за околу една недела - истакна шефот на властите за нуклеарна безбедност (АСН), Бернард Дорошчук.
Портпаролот на француската компанија изјави дека засега немаат намера да ги затворат реакторите во кои се забележани проблеми, но ситуацијата би можела да се промени и за тоа ќе одлучува АСН.
- Темелно го проверуваме секој дел од реакторот на кој може да влијае проблемот. Врз основа на истрагата ќе ги утврдиме можностите за санација - заклучи тој.
Евентуалното исклучување на реакторот пред зимата, кога расте потрошувачката, би влијаело врз производството на електрична енергија во Франција, што во голема мера зависи од нуклеарната енергија. Може да влијае и на снабдувањето на другите европски земји кои увезуваат електрична енергија од
Франција.
Францускиот регулатор објави дека по низата слабости во одржувањето и надгледувањето на подизведувачот го засилил надзорот на ЕДФ над реакторите Фламанвил 1 и 2.
Франција е втора земја во светот по бројот на нуклеарни реактори, по САД, но лидерскиот статус на ЕДФ во нуклеарната енергија е засенет од низата технички проблеми и застојот во изградбата на нови реактори.
ЕДФ извезува опрема за нуклеарни електрани во Кина, Финска, Јужноафриканска Република и Јужна Кореја, а се подготвува да ја снабдува и Велика Британија.