X
 14.12.2023 Живот

10 години Фонд за иновации и технолошки развој

Фондот за иновации и технолошки развој денеска на свечен настан ja одбележа десетгодишнината од основањето. Како водечка владина институција за поддршка на иновациите и технолошкиот развој во земјата, ФИТР има цел да овозможи подобар пристап до финансиски средства за сите претприемачи, стартап-компании и за сите микро, мали и средни претпријатија кои имаат амбиција за раст и развој.

Во рамките на настанот, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Фестим Халили, истакна дека е горд што води институција која им дава поддршка на сите креативни и млади луѓе што имаат своја бизнис-идеја, а за тоа говори фактот што ФИТР денес во своето портфолио брои вкупно 1.100 поддржани проекти со вкупен обем на инвестиции од 138 милиони евра. Со ова ФИТР покажа дека е вистински партнер на сите креативни и иновативни млади луѓе, младите фирми, стартап и спиноф-компаниите, но и сите микро, мали и средни компании кои имаат амбиции за сопствен раст и развој. Целта на ФИТР е да овозможи полесен пристап до финансии за развој на иновации и технолошки развој и да им се даде шанса на домашните претприемачи да ги реализираат своите бизнис-идеи и креативни решенија.




- За овој период се уверивме дека во нашата земја постојат претприемачи кои размислуваат „надвор од кутијата“, кои се отворени за новини и промени. На овие компании, кои се предводени од храбри претприемачи, сакам да им пренесам дека вашиот труд и визија прават разлика, вие создавате иднина полна со позитивни промени. Вашата визија за успех нѐ мотивира да обезбедиме нови канали за финансирање на иновативниот екосистем во државата. Токму и на тоа работевме изминатиот период, ИПА-проектот „Green Business Facility”, акредитирањето кон Зелениот климатски фонд, европскиот проект „Policy Answer” се само дел од активностите што ги преземаме за поддршка на македонскиот екосистем - потенцира Халили во своето обраќање.

Комитетот за одобрување на инвестиции (КОИ) е независно тело задолжено за донесување на одлуките за финансирање на предлог-проектите, а го сочинуваат пет странски, врвни експерти во својата работа. Претседателот на Комитетот, Марвин Лијао, го истакна своето задоволство од работата со ФИТР, како и иновативните проекти кои пристигнуваат за оценување.



- Како Комитет за одобрување на инвестиции, мораме да го изразиме нашето задоволство од квалитетот на проектите што пристигнуваат во Фондот затоа што со тоа се докажува иновативниот капацитет на младите бизниси во Македонија. Убедени сме дека ФИТР игра клучна улога во развивањето на иновацискиот екосистем преку кој се креираат нови работни места, нови иновативни продукти и конкурентна економија не само во државата, туку и на глобалните пазари - истакна Марвин Лијао.

Министерот за економија Крешник Бектеши во своето обраќање го честита јубилејот - 10 години од основањето на Фондот за иновации и технолошки развој и кажа дека за вакви јубилеи треба да се потсетиме каде сме биле како држава во делот на поддршка за развој на компаниите, а каде сме сега.

- Гледајќи ги бројките на поддржани компании во изминатите 10 години, може јасно да се види визијата на владата за поддршка на бизнисот и развојот на компаниите. Она што го покажува видот на компаниите кои се поддржани е дека сме силно посветени на поддршка на жените претприемачи, на кои им се дава можност да имаат исти услови за развој на компаниите, и второ - поддршката за младите кои се многу важни во развојот на економијата - кажа министерот Бектеши и додаде дека Фондот за иновации преку своите повици им дава можност на сите млади во државата, за разлика во минатото кога успеваа само деца кои беа синови и ќерки на таканаречените олигарси.



- Им даваме можност на сите млади во државата да бидат рамноправни и да се натпреваруваат со своите иновации и технологии со сите домашни и странски компании, а така ќе продолжиме и понатаму - рече министерот Бектеши.

ФИТР има инвестирано над 86 милиони евра во домашното стопанство, а преку инструментите и мерките за поддршка на домашните компании се поттикнаа претприемачите да вложат 52 милиони евра во развој и напредок, овозможувајќи им на тој начин да станат поконкурентни на домашниот пазар, но и да се спремат за влез на глобалните пазари.



- Значењето на ФИТР за нашата економија не се согледува само преку портфолиото од 1.100 поддржани проекти и вкупен обем на реализирани инвестиции од 138 милиони евра за десет години, ФИТР има уште една важна функција. Тоа е активно негување и развој на претприемачкиот дух кој е отворен кон иновативноста, дигитализацијата. Развој кон Четвртата индустријализација. Веќе гледаме и во следниот развој на ФИТР, а тоа е неговата акредитација кон Зелениот климатски фонд, со што ФИТР ќе биде прва државна институција акредитирана за директен пристап до финансии од Зелениот климатски фонд. Ова е исклучително важно бидејќи ќе се овозможи поголема вклученост и поголеми финансиски средства на приватниот сектор во справувањето со климатските промени. ФИТР има јасна визија и светла иднина за развој пред себе. ФИТР е и ќе продолжи да биде првото место на кое се обраќаат сите млади и амбициозни претприемачи и иноватори - изјави Фатмир Битиќи, вицепремиер задолжен за економски прашања.
Фондот за иновации и технолошки развој ќе продолжи со својата мисија, преку воведување нови иницијативи и мерки со кои ќе се отвори патот на младите да се развиваат тука, во нашата земја и ќе се овозможи поголема поддршка на претприемачите и раст на економијата.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот