И покрај тоа што му е досадно на часовите, Христијан не одбивал да оди во училиште. Тој е исклучително дружељубив и сака да биде со деца, но програмата е премногу лесна за него. Материјалот за 4. одделение го совладал уште пред да тргне на училиште
Здраво, јас сум Христијан Арсов, имам осум години и ќе ви кажувам како настанал универзумот. Ќе ви кажам сè за галаксии, за ѕвездите. Кога имав шест години, почна да ме интересира астрономијата. Си гледам вакви видеа на интернет, некои сум ги гледал и по десет пати. Некогаш кога ми е досадно, си гледам и цртани. И на училиште некогаш ми е досадно, па почнувам да им кажувам за овие работи на другарчињата. Им кажувам сè повеќе и повеќе, па тие велат дека им е сè подосадно и подосадно...
Христијан Арсов, лани на конференција за талентирани и надарени деца во Скопје
Овие зборови на малиот Христијан предизвикаа безброј симпатии и насмевки во преполната сала на панел-дискусијата на тема „Развој и поддршка на талентирани деца“, која Фондот за иновации и технолошки развој во партнерство со Факултети.мк ја организира пред еден и пол месец во Скопје. Дискусијата беше почеток на иницијативата за зголемување на свеста на јавноста за надарените и талентирани деца во нашата земја и пронаоѓање на најсоодветно системско решение за нивната идентификација и развој.
Малиот Кико сосема
случајно го пронајдовме пред една и пол година, додека тимот на Факултети.мк правеше повеќе репортажи од Велес. Психологот од Основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ рече дека имаат натпросечен ученик.
Во редакцијата на Факултети.мк
За неколку дена Христијан и неговата мајка Борка Југова-Арсов ни дојдоа на гости. Кико имаше седум години, без проблем напамет множеше два троцифрени броја, раскажуваше за галаксии, се одушеви од карикатурата на која Питагора и Алберт Ајнштајн се пречкаат за „це на квадрат“.
Институционалната поддршка никако да стигне
Оттогаш Христијан гостуваше во многу телевизиски емисии, институциите знаат дека во Македонија има исклучителен ученик... и тука приближно завршува сè.
- Сега во четврто одделение ретко учам нови работи. Единственото место каде што почесто учам работи е кога одам кај децата од шесто одделение. Но, таму одам само за математика - вели Кико.
Неговите родители се обиделе сè, нема институција каде што не се обратиле. Сепак, институционалната поддршка никако да стигне до ова семејство. Кога имал една и пол година, Христијан почнал да ги препознава и да ги разликува буквите и бројките. Набрзо почнал буквите да ги поврзува во течно читање.
- Првото видео на Христијан кога тој чита сликовница е од 1 година и 11 месеци. Тој чита од пелени. Попрво научи да чита отколку, на пример, сам да држи лажица. Така сознавме дека Кико е едно поинакво дете - раскажува неговата мајка.
Веќе на 4 години Христијан бил целосно описменет. Сам читал книги и решавал задачи за деца од 4. одделение. Неговите родители се обиделе да го запишат во школо за да го насочат неговиот развој, но и да го спречат евентуалниот јаз - ако Кико тргне на училиште на 7 години, а веќе има знаење како за дете од 5. или 6. одделение.
- Добивме негативен одговор, со образложение дека детската игра е исто толку важна колку и училиштето. За жал, не добивме насоки каде да го упатиме Христијан, ниту како да постапиме со дете кое чекори многу понапред од својата генерација - раскажува Борка.
Прваче само еден месец
Првото тестирање на коефициентот на интелигенција на Христијан било кога имал 5 години и 11 месеци. Тестирањето покажало глобален IQ 132. На второто тестирање на 6 години и 8 месеци веќе имал глобален IQ 145, а на третото тестирање на 7 и пол години - глобален IQ 154.
Кико бил прваче само еден месец. Веднаш го префрлиле во второ одделение. Тоа е единствениот начин кој законски може да го забрза неговиот интелектуален развој во основното образование. Законски ќе има уште шанса кога ќе биде средношколец и ќе може да прескокне уште едно одделение.
Борка Југова-Арсов, мајката на Христијан
- Христијан има огромен интерес за стекнување нови знаења. Постојано открива нови полиња на интерес и сам ги истражува. Сега е фокусиран на астрономијата, сам наоѓа информации на „Јутјуб“ за вселената и знае дури и научни детали кои самиот ги дознава. Иако често ги менува интересите, сепак, во фокусот му се наука, технологија, инженерство и математика. Негови сликовници беа збирки задачи по математика. Кога имаше само 5 години, се занимаваше со збирка задачи по математика за 4. одделение, а сега решава задачи за 7. одделение - објаснува неговата мајка.
На прашањето дали во рамките на формалното образование некогаш е направена посебна програма која тој би ја совладувал за време на часовите, таа вели:
- Не, но има огромно разбирање од училишниот кадар, па често на Кико му дозволуваат да ја посетува наставата од повисоките одделенија, што за него е многу поинтересно. Повеќе од тоа не можат да направат бидејќи едноставно системот не дозволува и нема посебна програма како да се третираат овие деца - раскажува Борка.
Досадно му е, ама не одбива да оди во школо
И покрај тоа што му е досадно на часовите, Христијан не одбивал да оди во училиште. Тој е исклучително дружељубив и сака да биде со деца, но програмата е премногу лесна за него. Материјалот за 4. одделение тој го совладал уште пред да тргне на училиште.
- Може да се потврди дека му е досадно, но постојано се обидуваме да го мотивираме. Оди на училишни натпревари за деца 5-6 години постари од него за да може да ги задоволи своите научни потреби. И освојува високи места. Има и воншколски активности - посетува настава за компјутерско програмирање и СТЕМ академија на наша иницијатива, бидејќи само така може да се задоволат неговите огромни потреби за знаење. Постојано сме во трка со неговите интереси за да му го сочуваме ентузијазмот и да му овозможиме да оди напред и надвор од формалното образование - објаснува Борка.
За овие натпревари најчесто вежба сам, но има и огромна поддршка од родителите. Досега освоил неколку втори места - на „Ноември месец на науката“ за 5. и 6. одделение, на натпревар по математика со 5. одделение, на регионален натпревар за природни науки за 6. одделение...
На прашањето дали некогаш добиле државна поддршка за развојот на Христијан, Борка одговара:
- Сме добиле поддршка од поединци, но немало конкретна помош од државата во вид на стипендија, субвенции, бенефиции и слично. Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, на општинската новогодишна свеченост му додели парична помош на Христијан за „Најталентиран млад научник“, Ротари-клубот од Велес му подари телескоп, а хуманиот доктор Венцислав Грабулов наградата за животно дело на Општина Велес му ја отстапи на Христијан. На СТЕМ академијата Христијан посетува стипендирани часови. На сите сме им бескрајно благодарни.
Игра со деца од 2 до 15 години
Луѓето позитивно реагираат на достигнувањата на Кико, уште повеќе што тој е исклучително непосредно дете со огромна желба секому да му ги пренесе своите знаења. Често го препознаваат Кико кога е на јавни места со семејството.
- Луѓето се полни со разбирање бидејќи едноставно знаат дека во отсуство на општествен пристап кон вакви феномени, индивидуалниот пристап е од големо значење. Неодамна ни пристапија од Фондот за иновации и технолошки развој и го поканија Христијан да учествува на трибината за развој и поддршка на талентирани деца. Од оваа трибина треба да произлезе и дефинирање на националниот концепт за системот и процесот на поддршка и развој на талентирани деца. Ова е некаква надеж дека државата ќе има конкретен пристап за третирање на талентираните деца. Искрено се надевам на брза реализација за конечно Христијан и другите деца што се слични на него да добијат соодветен пристап и да бидат насочени на вистинскиот пат што ќе одговара на нивните потенцијали - вели Борка.
Ако го сретнете на игралиште, нема да препознаете дека Христијан е малку поинаков од врсниците. Сосема се препушта на играта во која ја преточува неговата детска фантазија. Игра со деца од 2 до 15 години. Мајка му вели дека точно знае како да ја приспособи комуникацијата според возраста на другарчињата.
- Тој многу добро знае дека за темите што го интересираат не може да разменува мислење со деца на негова возраст. Но, многу често за нив разговара со постари другарчиња или со возрасните. И покрај тоа, знае да си остане дете и да ги игра истите игри како децата на негова возраст - вели мајката.
На прашањето како родители, каде би сакале да го видат своето дете за десет години, Борка и нејзиниот сопруг велат:
- Би сакале да го видиме Кико пред сè пораснат како чесен, добар и достоинствен човек. Со здрави принципи, застанат цврсто на земја и полн со љубов кон луѓето и универзумот.