На денешен ден во 1943 година починал еден од најзначајните научници на сите времиња. Неговото име го знаете, и тоа добро - Никола Тесла.
Американците, Србите и Хрватите велат дека тој е нивни иноватор. Ние велиме дека тоа воопшто не е важно, сè додека светот ужива во неговите генијални изуми. Тесла е заслужен за многу идеи со кои успеал да го промени целиот свет. Системот на наизменична електрична енергија со која се напојуваат речиси сите денешни уреди е оној изум по кој тој е најпознат. Но, Тесла стои зад идеи како радиото, рендгенот, далечинското управување, електричниот мотор, ласерот и безжичното комуницирање.
Никола
Тесла е роден на 10 јули во 1856 година во селото Смилјан, а веќе во 1875 година ја напуштил Европа и заминал во САД. Во 1884 година се сели во Њујорк и започнува да работи со Томас Едисон.
Подоцна основа сопствена компанија во соработка со неколку бизнисмени. Тогаш ги создава најголемите изуми, кои честопати биле несфатени од јавноста.
Можеби најпознатиот експеримент на Тесла е оној каде се создавала неограничена електрична енергија без трошоци.
На почетокот на 20-от век Тесла ја направил најпознатата „антена“ во светот. Кулата „Варденклиф“ во Њујорк му помогнала во експериментите за безжична телефонија. Експериментите биле прекинати поради недостаток на средства, а кулата била демолирана во 1917 година.
Во 1915 година, „Ројтерс“ пишува дека Тесла и Едисон ќе добијат Нобелова награда за нивниот придонес во физиката, но таа награда никогаш не била доделена.
Тесла продолжил со својата работа, а во 1935 година пронашол метод за трансмисија на механичка енергија на големи далечини.
Во 1937 година, Тесла доживеал сообраќајна несреќа, а до 1943 година животот го поминал осамен, шетајќи и хранејќи гулаби. Два дена по неговата смрт властите на САД ја присвоиле сета негова работа и сите документи кои ги пронашле.
Денес, еден кратер на Месечината го носи неговото име, како и белградскиот аеродром. Неговиот роденден се слави во Хрватска како Ден на Никола Тесла, а во таа земја неговото име го носат дури 128 улици. Спомениците со ликот на Тесла може да се пронајдат ширум целиот свет.