X
 18.03.2018 Култура

Проклетството на жените во животот и делото на Едгар Алан По

Некогаш одамна, еден мистичен човек тргнал во потрага по инспирација. Долго скитал додека ја пронашол дури од таа страна на романтизмот. Патот бил тежок, матен, полн со предизвици и инспиративни средби. Заедно со своите сопатници – мачка и гавран, поминувал низ убиства, трагедии, мистерии... но ништо не оставило толку голем впечаток врз него како смртта и трагичната судбина на убавата жена. Следниот цитат е убедувањето кое нашиот мрачен писател, Едгар Алан По, неретко го истакнувал.

„Смртта на убавата жена несомнено е најпоетичната тема на светот.“

Зошто?

Преку својата уметност се обидувал да го совлада страдањето, истовремено посакувајќи да ја долови самата суштина на совршенството и пропаѓањето. Сите дами кои го инспирирале, освен својот трагичен крај, поседувале и вонвременска убавина. Убавината, како еден од оние поими кои не можат да се објаснат, туку само да се почувствуваат, По ја сметал за недостижна и минлива.

Исчезнувањето на убава жена тогаш би претставувало двократен губиток, кој бил потресен.

Елена, жена достојна за богови


Џејн, мајка на негов другар, била неговата прва љубов. Ја нарекол Елена, затоа што нејзиното вистинско име, според негово мислење, не можело да го долови класичниот лик кој ја маѓепса целата некогашна античка Грција.

Споредбата со Елена од Троја, не ја опишувала во целост оваа дама, па на крајот на својата песна ја нарекува Психа, жената на која и боговите ѝ се восхитувале на убавината. Таа освен што била симбол за перфекција и недостжност, поседувала и снаодливост со која надминувала бројни предизвици со кои се соочувала. Затоа, можеме да претпоставиме дека Џејн била жена која не поседувала само празна убавина.

Лигеа, дама со необично совршенство

Лигеа, жена со несекојдневна убавина и ученост. Имала упадливи црни очи, во кои криела тајна, која само таа ја знаела. Мирна и тивка, но полна со страст. Можела секого да маѓепса.

За жал, идеалната дама, кај Едгар Алан По, не може долго да се задржи на овој свет. Таа мора да умре, за да остане толку совршена, преубава, несекојдневна и на некој начин, вонвременски идеал. Лигеа, без тој чуден и таинствен сјај во очите, го дочекала својот крај во болест.

Умирајќи, го оставила својот ожалостен сопруг, кој подоцна нашол нова сопруга, но никогаш не престанал да размислува за единствениот и несекојдневен поглед на преубавата Лигеа.

Елеонора и Анабел, девојки со неосквернавена и невина убавина


Елеонора, роднина на По, умрела на свои неполни петнаесет години. Описот кој најдобро ја доловува нејзината убавина секако е реченицата на По, каде вели дека е создадена совршено убава, само за да умре. Не припаѓала на овој свет, туку на божествениот, каде се вратила толку млада.

Слична судбина имала и Вирџинија, девојката во која По бил безрезервно вљубен како момче. Таа била таа, која го инспирирала да ја напише една од неговите најпознати песни – Анабел Ли.

Проклетството на совршената уникатност

Сите овие дами, имале слична судбина. Носеле проклетство кое го носи суштинската убавина и несекојдневност. Освен нереалниот физички изглед, нашиот ожалостен љубовник, истакнувал дека биле во возвишена духовност, преубав глас, голема ученост и генијалност која се граничела со лудило. Тие биле уникатни.

Претставувале синоним за совршеност и затоа не можеле долго да се задржат на овој свет. Биле поблиску до божествата, отколку до обичните смртници. По со тие споредби со боговите, сакал да стави до знаење дека убавината не може да се дофати и задржи, ниту долго да се ужива во неа. Нивната недофатливост и недостижност ја споредил со трагичниот крај на животот на една преубава жена.

Сега се отвора уште едно прашање: дали таквиот крај бил навистина трагичен или не?

Тие со својата смрт станале вонвременски, бесмртни, предмет на обожавање, восхит и извор на неисцрпна инспирација, што била и целта на нивното постоење. За нивната убавина, која била толку перфектна, што станала нереална и несекојднена, и ден-денес се чита.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура