Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар информираат дека денес во 9:30 часот започна реализацијата на процесот на екстерната проверка на постигањата на знаењата на учениците од завршните години (трета и четврта) во средните училишта, согласно објавените распореди на интернет страницата prasanjaeksterno.dic.edu.mk, каде воедно беше објавен и јавниот базен со вкупно 50.400 прашања на македонски, албански и турски јазик, коишто се дел од тестовите за гимназиско и стручно образование за сите струки, насоки и предмети.
Според информациите од кол центрите, ангажираните тестатори и надбљудувачи, до овој момент процесот е целосно и успешно заокружен во средните училишта во Македонски Брод, Богданци, Валандово, Берово, Виница, Делчево, Кавадарци, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Демир Хисар, Маврово – Ростуше и Липково, додека во фаза на финализација е процесот во училиштата во Штип, Св.Николе, Врапчиште, Гевгелија, Неготино, Прилеп, Охрид, Кочани, Велес, Илинден, Струга, Битола, Крушево, Кратово, Македонска Каменица и Крива Паланка.
Исто така, процесот е успешно започнат и во фаза на финализација во сите средни училишта на територијата на град Скопје.
Во општина Струмица процесот е целосно заокружен во СОУ “Јане Сандански“ и СОУ “Никола Карев“, додека, поради недостиг на тестатори во СОУ “Димитар Влахов“, за учениците од ова училиште ќе бидат утврдени дополнителни термини за тестирање. Процесот е делумно реализиран и во средните училишта во општините Куманово, Тетово, Гостивар и Кичево.
Процесот на екстерна проверка на постигањата на вкупно 20.567 ученици од завршните години (трета и четврта година) во 98 средни училишта, како и проверка на објективноста на оценувањето на 3.923 наставници по 2.622 предмети, започна денес и ќе трае заклучно со 30 јануари. Резултатите ќе бидат објавени на 2.2.2015 година.