Карневалот во Рио де Жанеиро започнува во петок, на 13 февруари. Во текот на минатонеделната генерална проба, можеше да се види нешто прилично несекојдневно. Во морето шарени бои, некои од учесниците на карневалот имаа црни траки околу раката. Зошто тие носеа таква трака?
Училиштето за самба „Beija-Flor“ не само што е традиционален учесник на карневалот, туку и 12 пати беше победник на оваа голема парада. Црната трака којашто тимот ја носеше околу раката, нема никаква врска со традицијата. Тие ја носеа како знак на чест на играчот кој беше убиен неколку недели пред карневалот.
Клаудио да Силва, 25 годишен трансвестит кој живеел како жена и се претставувал како Пиу, на 23 јануари бил пронајден масакриран.
Ова убиство само ги потврди проблемите со хомофобијата и трансфобијата која постои во Бразил веќе подолго време, а исто така фрли и ново светло на подземниот свет на криминал кој се случува позади шаренилото на карневалот.
Кога де Силва не се појавил на пробата неколку недели пред фестивалот, неговите пријатели и колеги се загрижиле, бидејќи тој никогаш не пропуштал нитуедна проба. Следниот ден на интернет се појавиле шокантни снимки од Клаудио облеан во крв, како ги моли напаѓачите кои го снимаат да го пуштат. Според местото на снимките, пријателите на Клаудио започнале да го бараат. Телото го пронашле близу Моро да Мина, место кадешто живеел Клаудио, осакатено и изрешетено со куршуми. Од тој момент започнаа разни шпекулации за причината позади ова грозоморно убиство. Како што стојат работите, се чини дека трансфобијата е најочигледна причина.
Познато е дека карневалот е место кадешто се собираат трансвеститите, како и дек Рио во тоа време е преполн со мажи кои се облекуваат како жени.
И покрај традицијатата која трае толку години, хомофобијата е голем проблем во Бразил. Во оваа земја на секои 28 часа се убива еден хомосексуалец, бисексуалец или транссексуалец. Само во 2013 година биле убиени 312 хомосексуалци и трансвестити.
Шест дена после убиството, во Рио се одржа Националниот ден на трансвеститите. Овој дена транссексуалците ја опколија зградата на градските власти во Рио, барајќи поголема заштита од властите.
„На карневалот доаѓаат странци очекувајќи слободен секс и слободна љубов на секој чекор, но за брзо време сфаќат дека Бразил нема многу врска со вистината. Во нашето општество се`уште владеат големи предрасуди“, вели Беатрис Кордиеро која се занимава со социјализација на транссексуалните луѓе.
„Луѓето се плашат да зборуваат. Никогаш не можеш да бидеш сигурен кој слуша или кој гледа. Луѓето едноставно не сакаат да страдаат поради нешто со кое немале директна врска“, вели еден колега на Да Силва.
Неговите колеги од школата не одговараат на повиците на медиумите, а голем дел од нив не сакаат ни да признаат дека го познавале.
Областа во Рио во која се наоѓа ова училиште е познато по тоа што тука владеат криминалните банди. Убиства и војна околу дрога се случуваат секојдневно. Не е ретка појава кога криминалците изнервирани поради тоа што не можат да пронајдат членови од ривалската банда, претепуваат или убиваат некој хомосексуалец или жена за која се сомневаат дека го изневерува нејзиниот сопруг. Некои граѓани веруваат дека на овој начин настрада и Да Силва.
Градоначалникот Едуардо Паес признава дека е немоќен кога станува збор за елиминирање на криминалните банди. Тоа е невозможно дури ни сега, за време на фестивалот.
„Дали тоа ме нервира? Секако. Но, што можам да направам, да го забранам карневалот?“, вели тој.
Скоро милион туристи се очекуваат на отворањето на карневалот.