Во пресрет на најавениот средношколски марш во четврток во Скопје, наставниците од Наставничкиот пленум објавија писмо со поддршка на средношколците.
Отвореното писмо од Наставнички пленум го пренесуваме интегрално:
"Почитувани,
Како наставници сметаме дека е наша професионална и граѓанска одговорност и обврска да ги поддржиме средношколците на маршот закажан за 23.04.2015 година.
Сведоци сме дека средношколците во изминатиов период ги искористија сите можни начини кои им стојат на располагање за да го изразат својот револт кон проблемите со кои се соочуваат во образовниот процес, со главен акцент врз екстерното тестирање и државната матура.
При ова тие покажаа исклучителна истрајност, храброст и посветеност на идејата која ја застапуваат. Сведоци сме и на игнорантскиот однос од страна на МОН, и секојдневните притисоци на кои се изложени учениците и наставниците во училиштата.
Со цел да укажеме на потребата за дијалог и изнаоѓање на прифатливо решение за 20 000 средношколци, нивни родители и околу 2000 наставници, спремни сме да излеземе на закажаниот марш на средношколците и да ја искажеме нашата поддршка и апел за започнување на дијалог на надлежните структури од МОН со средношколците.
Истовремено ги повикуваме родителите, студентите, професорите и сите одговорни граѓани да се приклучат кон настанот, бидејќи во овој момент на средношколците им е потребна поддршка повеќе од кога и да е.
Се надеваме дека низ дијалог ќе се изнајде прифатливо решение, што ќе придонесе за поквалитетно образование."
20.04.2015 Наставнички пленум