X
 08.06.2018 Живот

Оваа порака од жена што се изборила со депресијата може да му помогне секому

Депресијата е многу чувствителна тема, но за неа треба гласно и отворено да се зборува бидејќи станува сè поголем проблем на денешнината, пишува авторката Брија Бероус за „The Mighty“.

Во некој дел од животот многу луѓе имаат суицидни мисли или познаваат некој што се бори со нив, вели Бероус. Еден од пет луѓе има психички проблеми. Тоа значи дека кога ќе влезете во јавна просторија, несигурни и со спуштена глава, верувате дека сте единствен човек што има такви мисли, а една од пет личности поминува низ истата состојба.

Мозокот на депресивните личности е во состојба на изолација

За некој што никогаш немал суицидни мисли, идејата дека некој друг сака да умре му се чини налудничава. Сонцето свети, сите предуслови за убав ден се исполнети, вљубени сте, појадокот е вкусен. Идејата за смртта е далеку, негде во иднината бидејќи што можете повеќе да посакате од животот?

Но за оние луѓе што имаат душевни проблеми, каква што е депресијата, суицидот е реален ризик. Депресијата може да убие! Мозокот ни е потребен, меѓу другото, и за да ни го пробуди сетилото за вкус за да ја изедеме храната. Мозокот ни треба и за да ги почувствуваме топлината и олеснувањето од сончевиот ден. Мозокот ни треба за топлината од бакнежот да ја почувствуваме низ целото тело.

Депресивниот мозок не чувствува ништо од тоа. Константно е во состојба на изолација и исклучиво е посветен на мислите. Појадокот не е нешто по кое копнее. Едноставните задачи се чинат како проблем, па на депресивната личност најсигурно пристаниште ѝ станува креветот. Сонот постојано ја повикува, а таа само повремено успева да му избега.

Мозокот е благослов, но може да биде многу проблематичен

Кога ќе помислиме на некој што е суициден, не ни е пријатно да зборуваме за тоа затоа што нè плаши. Таквата реалност ни е преоптоварувачка, па лесно е да ја истуркаме под тепих. Тоа го правиме бидејќи самоубиството знае да биде најчест крај на приказната. Се случува, а ние се чудиме: „Беше убава. Беше паметен. Беше талентирана. Беше исклучителен спортист“.

Не е важно како изгледаме однадвор. Мозокот е благослов, но кога станува збор за душевни проблеми, може да биде проблематичен. Оние што се борат со депресијата знаат и чувствуваат дека не сакаат да умрат, но тоа го гледаат како единствена опција за ставање крај на болката.

Со самоубиствените мисли сте како во замка, објаснува авторката, која боледувала од депресија. Чувствувате дека ве задушува сопствената психа и ви се чини дека нема излез. Секој ден се носите со душевна агонија и болка, што ве плаши и ве турка во погрешен правец. Смртта ви изгледа како единствен излез, но истовремено човечкото суштество во вас очајнички сака да се бори и да се фати за гранче надеж. За живот.

Суицидните луѓе не сакаат да умрат, но не можат да го најдат патот


Психичката болест е битка. Борба со умот која многу несреќни луѓе, за жал, ја искусуваат. Депресивните луѓе чувствуваат дека ги исцрпиле сите можности, а сè што се обиделе не довело до олеснување. Чувствуваат како во својот ум да имаат ѕидови што ги одвоиле, дека ги заклучиле многу длабоко и дека нема пат за излез.

Најважно е да се разбере дека суицидните луѓе не сакаат да умрат. Толку очајнички сакаат да живеат, но не можат да го најдат патот. Многу луѓе сметаат дека суицидните луѓе бараат внимание или се однесуваат како страшливци. Но, депресијата е реална болест и не можеме да ги осудуваме луѓето што минуваат низ нешто толку застрашувачко и толку осамено. На тие луѓе не им е потребна критика или осуда за нивните чувства, вели авторката.

Надживејте го ова за да им бидете инспирација на другите

Ако сте страдале од депресија или моментално се чувствувате депресивно и ве опседнуваат црни мисли, потпрете се на својата сила што ја имате како човечко суштество, порачува авторката. Наредете си дека морате да преживеете, иако однатре се распаѓате. Честитајте си на секој час низ кој сте поминале без да ве обременуваат суицидни мисли.

Посакувајте да го надживеете проблемот за да можете да им бидете инспирација на другите што се соочуваат со депресијата. Користете ја вашата приказна за да се потсетите на својата сила и на сè што сте преживеале.

Срцето што чука е надежта што ја барате, а смртта не е единствената опција. Погледнете каде сте сега, погледнете ги сите луѓе што ви ја подгреале надежта. Не е лесно да верувате дека смртта не е единствен излез. Верувајте, и авторката на овој текст била каде што можеби вие сега се наоѓате. Животот е вреден да се живее, борете се да преживеете, секој ден станувате посилни, дури и ако не го забележувате тоа.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот