Веќе трета недела со ред средношколците го продолжуваат бојкотот на наставата иако министерството изјави дека ги прекинува преговорите и побара од средношколците да се вратат на настава.
Од Средношколскиот пленум велат дека тие не се откажуваат и покрај рокот од 25 дена се` додека не се прифатат нивните барања за поквалитетно образование.
Како поддршка на Средношколскиот пленум се формира и Родителски пленум кој закажа средба денес за да ги дискутира нивните понатамошни активности и планови за бојкотот и ситуацијата со средношколците.
„Ве молиме, без партиски обележја и ставови - сите сме родители! Средношколците бараат две главни нешта. Прво, екстерното тестирање да биде анонимно и оценката да не фигурира никаде во свидетелствата. Второ, државната матура да се полага како порано, односно да не се воведува задолжителната математика. Средношколците не се политичари, па да го жртвуваат едното за да го добијат другото“, велат родителите во соопштението од Родителскиот пленум.
Во меѓувреме бојкотот под отворено небо продолжува.
„Бојкотот продолжува и не се откажуваме и покрај рокот од 25 дена. Нашите барања се јасни, нашиот став е јасен, нашата желба за поквалитетно средно образование е неизмерна. Она што беше изгласано на Генерален Пленум е дека бојкотот продолжува во Паркот на новинари за сите, односно се префрла од училиштата пред МОН. Ќе се врши и евиденција за отсуства. Планирани се алтернативни предавања, а за агендата за следните денови дополнително ќе ве информираме преку известувања, соопштенија и евенти. Она што произлезе од Генреланиот Пленум е дека стравот го нема, храброста и истрајноста се зголемуваат а ние сме спремни да одиме до крај за да ни бидат исполнети барањата“, се вели во соопштението од Средношколскиот пленум.
Бојкотот продолжува и во Битола. Битолските средношколци велат дека последната средба од преговорите со МОН не била задоволувачка за нив. Како што вели пленумот, не се задоволни од одлуката стариот концепт за државна матура да остане само оваа година, затоа што средношколците се борат за сите генерации.