Студентскиот пленум се создаде пред точно една година, кога студентите решија да се побунат против тогашните реформи во образованието кои вклучуваа нов закон за високо образование. Најголем проблем со законот беше екстерното тестирање на факултетите, кое беше неприфатливо за голем дел од студентите кои го поддржија пленумот во сите активности.
Меѓу активностите на пленумот се и повеќе маршеви, протести и окупација на поголемиот дел од државните факултети во земјата. Окупацијата заврши кога Министерството за образование и наука одлучи да стави мораториум на новиот закон за образование, а во меѓувреме беше решено да се работи на нов закон, и тоа заедно со студентите.
Студентскиот пленум влезе во работните групи кои требаа да го состават новиот закон, но излезе од истите откако ја прогласи Владата на РМ за нелегитимна пролетта.
Пленумци продолжија со своите активности преку социјалните мрежи, организираа настани и работилници на факултетите и редовно држеа состаноци за новите и старите членови. Истовремено, тие ја даваа својата поддршка за средношколците, кои организирани од Средношколскиот пленум сè уште протестираат против реформите во образованието кои ги засегаат.
Што понатаму?
На синоќешниот генерален пленум, на кој се одбележа едногодишното постоење, беа присутни старите познати членови кои во пленумот се од почетокот, но имаше и нови пленумци, дел од кои се бруцоши. Темите на разговор беа: структурата на пленумот во поглед на интерните пленуми, зголемување на состаноците на генералниот пленум, зголемување на активностите на пленумот во врска со проблемите кои ги засегаат студентите и активирање на новите членови.
Меѓу проблемите на студентите се потцртаа оние поврзани со лошиот студентски стандард, плаќањето ИКСА на факултетите, недостатокот на лаборатории и опрема на некои од факултетите и условите за превоз.
Закон за високо образование
Изминатата година, новиот закон за образование беше ставен во мирување, но мораториумот истекува во јануари 2016 година.
Сè уште не се знае до каде е составувањето на новиот закон за образование и дали тој воопшто ќе биде составен или на сила ќе стапи стариот предлог кој во себе го налага и екстерното тестирање.