Вчера се случи еден настан кој ја вознемири целата македонска јавност, посебно родителите на студентите кои биле затечени за време на упадот на полицијата во читалната на библиотеката Браќа Миладиновци во Скопје.
Ова е писмено сведоштво на еден студент кој бил во читалната „Брака Миладиновци“., а објавено на Фејсбук страницата од Студентски пленум
„Додека седевме надвор пред библиотеката Браќа Миладиновци загрижени за хаосот што се случуваше на улиците и за сите сограѓани кои бегаа од здивената полиција, забележавме група специјалци како се движат накај библиотеката. Тргнавме накај влезот мислејќи дека таму ќе бидеме на сигурно но очигледно немаше место каде може да се заштитиме од сопствената полиција. Недозволиво е студенти да бидат доведени во ситуација да бегаат од група специјалци од страв дека ќе бидат повредени. Потоа специјалците почнаа да трчаат накај библиотеката при што настана општ хаос меѓу студентите и сите се обидувавме да влеземе внатре додека они насилно не буткаа. Влегоа во училницата каде веќе сите бевме на своите места и почнаа да маваат со пендраците по клупи и ѕидови без контрола. Личеа и се однесуваа како терористичка група а не како полиција што треба да не штити токму од вакви работи. Почнаа да ги собираат сите шишиња со вода од клупите, да ни викаат веднаш да искочиме сите до еден надвор и при тоа маваа на сите страни и насилно не буткаа надвор. Ни се закануваа со малтретирање, приведување и кривични пријави за нарушување јавен ред и мир. Не ми се веруваше дека некој може на така насилен начин да упадне во библиотека полна со студенти од чија страна немаше буквално никакви провокации или повод за тоа што се случи. Врисоците и плачењата што ги слушнав не можат да ми искочат од глава, ниту пак љутите лица на специјалците кои беа способни да удрат невини млади луѓе за да го задоволат својот гнев. Неколку студенти беа повредени од хаосот и буткањето кое настана поради насилниот упад. На сета оваа ситуација се осудија да не прашаат кој ќе не бранел утре ако не они, јас а и секој што беше сведок на тоа вчера сигурна сум дека не сакам да ме бранат насилници кои безмилосно тепаат наши пријатели. Жал ми е што мораше да бидеме дел од оваа грозоморна ситуација, и што од денес со страв ќе шетам по улиците на Скопје, но очигледно потребно беше да се удри по невини млади луѓе за да се освестат оние кои не веруваа на што се е способна полицијата.“