Постои голема веројатност гробницата на египетскиот крал Тутанкамон да содржи врата до внатрешните соби кадешто можеби била погребана кралицата Нефертити.
Нефертити, за која се верува дека била маќеа на Тутанкамун, починала во 14-от век пред новата ера и пронаоѓањето на нејзиниот гроб претставува најголемо археолошко откритие во Египет.
Британскиот египтолог Николас Ривс ги најави плановите за понатамошна анализа на прес-конференцијата на египетскиот министер за антиквитети, Мамдуох Ал Дамати кој изјави дека постојат 90% шанси нешто да се открие зад ѕидовите на кралот Тутанкамун.
Ривс во октомври изјавил дека верува дека во мавзолејот на Тутанкамон се наоѓа телото на Нефертити. Тутанкамон, момчето - крал, починал околу 1323 година пред новата ера. Неговиот гроб, со познатата златна посмртна маска бил пронајден во Долината на кралевите, од страна на британскиот египтолог Хауард Картер. Експертите долго време се обидувале да разберат зошто неговата гробница е помала од гробниците на другите фараони и зошто нејзиниот облик е повеќе во складност со гробниците на египетските кралици во тоа време.
За Нефертити долго време се сметало дека починала за време на владеењето на нејзиниот сопруг и дека била погребана во Амарна, кадешто била пронајден нејзин споменик. Но неодамна, голем број на експерти вклучувајќи го и Ривс поставија хипотеза дека таа живеела и после смртта на нејзиниот сопруг, но го променила името и можеби кратко време владеела со Египет.